ПОЧИНА УНАБОМБАШОТ ТЕД КАЧИНСКИ, ГЕНИЈАЛНИОТ МАТЕМАТИЧАР КОЈ 17 ГОДИНИ ИЗВЕДУВАШЕ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАДИ СО ПАКЕТ-БОМБИ

    ПОЧИНА УНАБОМБАШОТ ТЕД КАЧИНСКИ, ГЕНИЈАЛНИОТ МАТЕМАТИЧАР КОЈ 17 ГОДИНИ ИЗВЕДУВАШЕ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАДИ СО ПАКЕТ-БОМБИФБИ го уапси Унабомбашот во 1995, откако 17 години го бараше во најдолгата, најскапата потера во земјата. (Фото: АП)

    Теодор Тед Качински, математичарот образован на Харвард, кој се повлече во мрачна колиба во дивината на Монтана и водеше 17-годишна бомбашка кампања во која загинаа три лица, а 23 беа повредени, почина на 81 година. Именуван од ФБИ како „Унабомбаш“, Качински почина во федералниот затворски медицински центар во Бутнер, Северна Каролина. Причината за смртта не е позната.

    Пред неговото префрлање во затворската медицинска установа, тој беше во федералниот затвор Супермакс во Фиренца, Колорадо, од мај 1998, кога беше осуден на четири доживотни затворски казни плус 30 години за кампањата на терор што ги наруши универзитетите низ целата земја. Тој призна дека извршил 16 бомбашки напади од 1978 до 1995 година, при што трајно осакати неколку од неговите жртви.

    Години пред нападите на 11 септември 2001 и испраќањето антракс, смртоносните рачно изработени бомби на Унабомбашот го сменија начинот на кој Американците испраќаа пакети и се качуваа во авиони, дури и практично го затворија воздушниот сообраќај на западниот брег во јули 1995. Тој го принуди „Вашингтон пост“, заедно со „Њујорк тајмс“, во септември 1995 да го објават неговиот манифест од 35.000 зборови, „Индустриското општество и неговата иднина“, во кој се тврди дека модерното општество и технологија водат кон чувство на немоќ и отуѓеност. Но, тоа го разоткри. Братот на Качински, Дејвид и сопругата Линда Патрик, го препознаа тонот на трактатот и го известија ФБИ, кое со години го бараше Унабомбашот во најдолгата, најскапата потера во земјата.

    Властите во април 1996 го пронајдоа Качински во колиба од иверица и церада од 3 на 4 метри квадратни недалеку од Линколн, Монтана, која беше исполнета со списанија, шифриран дневник, експлозивни состојки и две завршени бомби. Психијатар кој го интервјуирал Качински во затвор го дијагностицирал како параноичен шизофреник.

    „Заблудите на Качински се главно со манија на гонење“, напиша Сали Џонсон во извештај од 47 страници. „Централните теми го вклучуваат неговото верување дека е омаловажуван и малтретиран од членовите на семејството и современото општество“.

    Качински ја мразеше идејата да биде сметан за ментално болен и кога неговите адвокати се обидоа одбраната да ја засноваат на лудило, тој се обиде да ги отпушти. Кога тоа не му успеа, се обидел да се обеси со долната облека. Качински на крајот се изјасни за виновен наместо да дозволи неговиот одбранбен тим да продолжи со одбрана за лудило.

    Но, секако беше брилијантен. Качински прескокнал две школски години за да се запише на Харвард на 16 години и објави трудови во престижни математички списанија.

    Неговиот експлозив беше внимателно тестиран и го праќаше во прецизно рачно изработени дрвени кутии кои беа исшмирглани за да се отстранат можните отпечатоци од прсти. Подоцнежните бомби носеа потпис „ФК“ со значење „Клуб на слободата“. ФБИ го нарече Унабомбаш затоа што неговите први цели беа универзитетите и авиокомпаниите. Бомба активирана од височина што ја испратил во 1979, експлодирала според планираното на летот на „Американ ерлајнс“, а десетина патници страдале од вдишување чад. Качински ги уби сопственикот на продавница за изнајмување компјутери, Хју Скратон, маркетинг директорот Томас Мосер и лобистот во дрвната индустрија Гилберт Мареј. Калифорнискиот генетичар Чарлс Епштајн и компјутерскиот експерт од Универзитетот Јеил, Дејвид Гелернтер, беа осакатени од бомби во размак од два дена во јуни 1993.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира