Дваесет и второто издание на Фестивалот на европски филм Синедејс во Скопје, ќе отвори и затвори со македонски премиери, објави Младинскиот културен центар (МКЦ). Фестивалот на 13 јули отвора со светската премиера на „М“, вториот филм на Вардан Тозија, а на 18 е македонската премиера на „Бизнисот на задоволството“, дебито на Гоце Цветановски.
По успешното деби „Џган“ во 2016, Тозија се враќа со „М“, кој во мај беше прикажан на Канскиот маркет за филмски професионалци. „М“ е дистописка бајка, приказна за осумгодишниот Марко кој во суровиот и мрачен свет обземен со таинствен вирус е во потрага по мајка си. Играат Сашко Коцев, Тони Михајловски, Матеј Сиваков, Камка Тоциновски, Верица Недеска, филмот е во продукција на „Фокус покус филмс“, како копродукција меѓу Македонија, Хрватска, Косово и Франција.
Пред една недела, „Бизнисот на задоволството“ на Цветановски, беше прогласен за најдобар филм на фестивалот „In the Palace“ во Софија, каде беше и светската премиера. Политичкиот трилер „Бизнисот на задоволството“ се снимаше на врвот на пандемијата на ковид-19 во есен 2020. Приказната следи новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола. Играат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“, првпат е кинематографер на долгометражен игран филм. Продуценти се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Б. НЕСТОРОСКА