Бившиот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ од ВМРО-ДПМНЕ и 10 соработници се уапсени синоќа под сомневање за злоупотреба на службената положба и овластувањата и за перење пари за спомениците во Скопје, дел од проектот „Скопје 2014“ вреден 700 милиони евра.
По поминатата ноќ во полициска станица, се очекува да бидат изведени пред судија на претходна постапка во Одделот за организиран криминал и корупција во Кривичниот суд Скопје.
Бидејќи со кривичните дела осомничените го оштетиле државниот Буџет, надлежноста е на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а истрагата ја води обвинителот Љубомир Лапе.
Оваа истрага е отворена уште од времето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) , а според поранешни сознанија на САКАМДАКАЖАМ.МК, главните докази низ годините се обезбедуваа во Италија, каде што беа лиени безбројните споменици, кои тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ преку Владата на чело со Никола Груевски и преку Општина Центар, ги вадеа преку ноќ како од фабричка лента.
Овие кривични дела каде што е оштетен Буџетот не застаруваат неколку децении.
- ВЛАДИМИР ТОДОРОВИЌ И ЖЕНА МУ ОБВИНЕТИ ЗА ЛАЖЕН ИСКАЗ, ТАА НА ДРУГ СВЕДОК НА ЛИСТ МУ НАПИШАЛА ШТО ДА ПРОЧИТА ПРЕД СУД
- ВЛАДИМИР ТОДОРОВИЌ И СОПРУГАТА СЕ СПОГОДИЈА СО ОБВИНИТЕЛСТВОТО И ДОБИЈА УСЛОВНИ КАЗНИ ЗА ЛАЖНО СВЕДОЧЕЊЕ
С. К. ДЕЛЕВСКА