ДНК ЕКСПЕРТИЗА

    1 Добро, зарем вие уште не сте ги заборавиле прислушуваните разговори? Не ви е јасно зошто Македонија е во политичка криза? Занимавајте се со попаметни и суштински работи. На пример, со синусите на премиерот поради кои во зима не може да пешачи, а никој не го прашува како му е. Или со чевлите на градоначалникот на Центар Андреј Жерновски кои, според алапачарењето на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, немале врвки затоа што Андреј бил мрзлив да се наведнува и да ги врзува.
    Впрочем, зошто Груевски да биде главна вест затоа што уште еднаш го понижи Собранието со тоа што не се појави да сведочи пред Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето. Кога може да си даде интервју со прашања од кои дури и самиот се изненадил колку биле спонтани, да раскажува боксерски приказни, овде – онде да навреди некого дома и во странство, да ја нападне опозицијата за кризата во државата, и на крај да порача дека “говорот на омраза, гневот и заканите се злото кое нè труе сите” – што убаво го кажа тоа. И дека тоа треба да престане. Така кажал премиерот. Добро. Ајде тој прв нека престане.
    И нормално, додека тој е во Израел и додека ги слушаме неговите филозофските мисли за доброто и злото, ние треба да заборавиме зошто воопшто и беше формирана таа анкетна комисија за скандалот со прислушувањето на која премиерот беше повикан да сведочи, а не дојде. И треба да заборавиме дека речиси во сите прислушувани разговори што имавме прилика да ги чуеме, имаше барем по две-три индиции за криминални дела на функционери од власта. А ако заборавиме и треба да продолжиме да го слушаме како ни зборува за неговите синуси и за врвките на Жерновски. Оти само тоа нè интересира.

    2 Впрочем, зошто толку возбуда околу игнорирањето на собраниската Анкетната комисија? Па видовме што оваа владејачка гарнитура мисли за Собранието и колку ги почитува пратениците уште на 24 декември 2012, кога со полиција ја избрка опозицијата на клоци. Ова е природно продолжение на 24 декември.
    И после му се лутат на европскиот посредник Питер Ванхауте оти им рекол дека сме немале европски менталитет. Не станува збор за европски менталитет според географија. Станува збор за демократски менталитет. Нека пробаат да набројат десетина земји во светот во кои е дозволено некој да не се појави да сведочи пред парламентарна комисија. Има и такви земји. Не велам дека нема. Ама не се кандидати за ЕУ и пред вратата на НАТО.
    Ај Силвана Бонева не ја прашувам. Таа е тукашна. Ама би го прашал пратеникот Павле Саздов. И тој е член на Анкетната комисија за прислушувањето која слугите на народот ја игнорираат. Како ќе помине некој слуга на народот во САД, ако не се појави на сослушување во Конгресот во Вашингтон? Би требало да знае. Тој е избран од дијаспората од Америка. Би требало да има подемократски менталитет од нашиот.
    Собранието е законодавна власт. Највисоко тело избрано од народот на непосредни избори. И тоа тело формира анкетна комисија за да расчисти скандал во кој е вклучена извршната власт. За таа цел повикува на сведочење луѓе од извршната власт. Луѓе што се избрани од законодавното тело да извршуваат задачи што им ги даваат законодавците. Луѓе што се министри – демек слуги на народот. И сега тие слуги на народот одбиваат да дојдат кај овие што се избрани од народот. Иако работата им е да одговараат пред нив. И не само во специјално направени анкетни комисии.
    Е ова е демократијата за која зборува Груевски во неговите интервјуа. Ова се институциите на државата што тој ги изгради последниве осум-девет години. Него тие што ги избрал народот и го поставиле на тоа место, не можат да го приберат на обично сведочење, а ние очекуваме некаква судска власт да му направи нешто. Да бе. Сигурно ќе му направи. Со помош на медиумите. Оти тие се четврта власт. Во некоја земја таму, кандидатка за ЕУ и на прагот на НАТО.

    3 Зошто на овие експерти што се кандидати за ДИК, а за кои ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не можат да се договорат не им направат анализа на ДНК? И зошто само до трето колено ги проверуваат? Што не им земат брис од грло, нос, ама и од репродуктивните органи. Зошто само во минатото да гледаат? Нека гледаат и во иднината.
    Премиерот Груевски изрази стравување дека “од двајцата Македонци експерти, двајцата се скриени членови на СДСМ или нивни поддржувачи”. Да ти се крене коса на глава. Од каде знае Груевски кој е скриен, а кој е поддржувач? И кандидативе за експерти да не ги прислушуваат?
    Е ова е сликата за македонската институционална демократија што премиерот ја опиша во само една реченица. Прво битно е и експертите да се поделени меѓу Македонци и Албанци. Не може да бидат само експерти. Арно ама, не е доволно само да се ДНК проверени. Туку треба да се знае дали се јавни или скриени членови на некоја партија. И дали се јавни или тајни поддржувачи на некоја партија. А Влав може да е експерт? Има Роми експерти? Со Турците што правиме? Индијанец може ли да биде експерт?
    Има многу комбинации кои ја прават македонската демократија прекомплицирана за европскиот менталитет. Што правиме ако еден експерт од овие двајцава Македонци е жена? Што ако, покрај тоа што е експертка и скриен поддржувач на СДСМ, во исто време е и самохрана мајка што се противи на забрана за абортус. А што правиме ако експертот нема дете. Или има само едно? И не верува во Господ. Впрочем, од кај знае Груевски кај кого што има скриено? Дали тоа значи дека кандидатите за експерти на ДИК треба да поминат на психијатриски вештачења построги и од оние за масовните убијци.
    А која е функцијата на ДИК? Да ги штити партиските интереси, или јавниот интерес. Нели цела оваа епопеја со предвремените избори, сосе специјални обвинители, пржински договори, анкетни комисии, преговори за медиуми… трае за на крај да имаме чесни, фер и демократски избори како во некоја земја што е кандидат за ЕУ и на прагот на НАТО.
    Во право е Груевски кога вика дека народот ќе одлучи. Ама народот мора да добие чесна шанса. А токму ВМРО пред очите на народот пушти орелски нокти таа чесна шанса да ја одземе.

    4 Прво власта нè убедуваше дека ако не се земе кредит, ќе нема пари за пензии и државни плати. Од каде сега Владата нуди бесплатен јавен превоз за сите државни студенти и средношколци. Што е тука бесплатно? И за кого е бесплатно? Тоа се наши пари? Груевски не ги вади од сопствениот џеб за да нуди што било бесплатно? Од нашиот џеб ги вади. Бесплатниот превоз не е бесплатен. Како што не е бесплатен и “мерцедесот” од 600.000 евра, со телевизорчињата на задните седишта за високите странски гости.

    5 Кај е Заев? Одамна не дал ниедна изјава за странски медиум. За да може Груевски да го пофали во некое спонтано поставено прашање на интервју.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира