ПО ПОВЕЌЕ ДЕЦЕНИИ, ТЕТОВСКИТЕ СЕЛА ФАЛИШЕ И САРАЌИНО ГО РЕШИЈА ПРОБЛЕМОТ СО СНАБДУВАЊЕТО СО ВОДА ЗА ПИЕЊЕ

    ПО ПОВЕЌЕ ДЕЦЕНИИ, ТЕТОВСКИТЕ СЕЛА ФАЛИШЕ И САРАЌИНО ГО РЕШИЈА ПРОБЛЕМОТ СО СНАБДУВАЊЕТО СО ВОДА ЗА ПИЕЊЕПумпната станица е обезбедна со донација од 30.000 евра (Фото: СДК.МК)

    Еден повеќедецениски проблем кој ги мачеше тетовските села Фалише и Сараќино конечно е решен. Пуштена е во употреба пумпна станица која ќе ги снабдува со доволни количини вода за пиење за наредните две децении. Пумпната станица е од најсовремен вид и ќе обезбеди 20 литри вода во секунда, што е сосема доволно за овие две села.

    „Еве вака би требало да изгледаат повеќето селски каптажи во Тетовскиот Регион. Овде имаме современ објект во кој електронски се дозира хлорирањето на водата, простор ограден со жица за јасно одделување на првата заштитна зона. За жал, 67 проценти од руралните населени места во нашиот регион пијат бактериолошки неисправна вода. Кај нивните каптажи треба да се обезбеди прва заштитна зона и, што е исклучително важно, да има континуирана дезинфекција на водата, што сега не се применува. Во оваа пумпна станица дезинфекцијата работи на струја, што за голем дел од селските населби претставува трошок и затоа и не се врши дезинфекција“, вели д-р Ратко Давидовски, советник во Општина Тетово и доктор во Центарот за јавно здравје во Тетово, каде работи на контрола на водата за пиење.

    Жителите на овие две тетовски села долги години имаа проблеми со водоснабдувањето, кое беше недоволно и со чести прекини. Минатата година настана голем дефект на цевководот со кој селата се снабдуваа со вода за пиење, кој не можеше да се отстрани, па беше ископан бунар, од каде што преку пумпната станица се снабдуваат со вода.

    „Оваа инвестиција е донација од приватниот сектор. Сметката на Општина Тетово и натаму е блокирана и не можевме да помогнеме во ваква ситуација. Се работи за донација од околу 30.000 евра. Поголемиот дел од планинските села во Општина Тетово не се снабдува со безбедна вода за пиење. Ние како Општина поднесовме 10 проекти за сите планински села за да се подготви проектна документација, но од министерството нѐ информираа дека тие проекти не се прифатени, па сега ќе треба да видиме што ќе правиме“, изјави градоначалникот на Тетово, Билал Касами.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира