Генералот Абдурамане Чијани се прогласи за нов лидер на Нигер откако изведе пуч. Познат и како Омар Чијани, тој го почна преземањето на власта во средата, кога го притвори демократски избраниот претседател Мохамед Базум, кој важеше за клучен сојузник на западот во борбата против исламистичките милитанти во регионот.
Базум бил во добра состојба и натаму бил затвореник на неговите сопствени чувари. Франција кажа дека не ги признава пучистите за лидери на Нигер, туку само Базум.
Пучот го осудија и Африканската Унија, регионалниот блок на Западна Африка, ЕУ и ОН. Од друга страна, шефот на платеничката група „Вагнер“, Евгени Пригожин, го опиша пучот како триумф.
„Она што се случува во Нигер не е ништо друго освен борба на народот на Нигер против неговите колонијалисти“, кажа Пригожин, чија група оперира и во соседните земји Мали и Буркина Фасо.
Чијани, кој ја водеше претседателската гарда од 2011, кажа дека хунтата ја презема власта поради низа проблеми во земјата, вклучувајќи ја лошата безбедност. Тој притоа го укина уставот, ги суспендираше сите институции и ги затвори границите.