ДИСКРИМИНАЦИЈА Е ОТПУШТАЊЕТО НА БРЕМЕНАТА ПРОДАВАЧКА ВО „ПРОСВЕТНО ДЕЛО“, СО НЕПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА РАБОТА Ѝ ГО УПРОПАСТИЛЕ ПОРОДИЛНИОТ НАДОМЕСТ, УТВРДИ КОМИСИЈАТА

    ДИСКРИМИНАЦИЈА Е ОТПУШТАЊЕТО НА БРЕМЕНАТА ПРОДАВАЧКА ВО „ПРОСВЕТНО ДЕЛО“, СО НЕПРОДОЛЖУВАЊЕ НА ДОГОВОРОТ ЗА РАБОТА Ѝ ГО УПРОПАСТИЛЕ ПОРОДИЛНИОТ НАДОМЕСТ, УТВРДИ КОМИСИЈАТАСо ваков гест најбрутално се крши Законот за работни односи кој во членот 77 вели: „Работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство“; - Исмаил Канбери, претседател на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација. (Фото: СДК.МК)

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди потешка форма на дискриминација откако продавачка пријавила дека е избркана од АД „Просветно дело Скопје“ само затоа што е бремена.

    „Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека работодавачот не го докажа ниту оправда непродолжувањето на договорот за вработување на подносителката, односно не докажа ниту приложи писмени, архивирани докази дека постоеле и други објективни причини за непродолжувањето како: намален обем на работата, укинување на работното место, несоодветно и неквалитетно извршување на работните обврски од страна на работничката или нејзино одбивање на понуда за продолжување на договорот но за работа во друга продавница. Во исто време, продолжувањето на договорите за работа на другите вработени влева оправдан сомнеж дека единствена причина поради која не бил продолжен нејзиниот договор на вработување е бременоста, што претставува нееднаков третман и повреда на нејзиното право на еднаквост во споредба со другите вработени, односно дискриминација по основ на пол, род и бременост“, утврди Комисијата.

    Но на бремената жена со ова ѝ е направена и една друга, можеби уште поголема штета, бидејќи со непродолжувањето на договорот за работа, претпоставените ѝ го упропастиле и породилното отсуство.

    „Ваквото постапување на работодавачот го довел во состојба на ризик нејзиното право да користи платено породилно отсуство, со оглед дека законските прописи налагаат минимум 6-месечен активен работен ангажман како услов за користење на ова право, што е во спротивност со уставните начела, законските прописи и принципите на меѓународните инструменти за заштита на човековите права кои ја гарантираат заштитата од дискриминација по основ на бременост, раѓање и родителство“, реагира Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

    Бидејќи Државниот инспекторат за труд кај „Просветно дело“, издавач на државно субвенционираите училишни учебници, не утврдил отстапувања од законот и само прифатил дека договорот на бремената жена не ѝ бил продолжен само поради тоа што немало потреба од продавачка во продавницата, сега ни Комисијата не може да ја врати на работа.

    Според објавеното мислење на КСЗД за овој случај, Трудовиот инспектпорат замижал пред огласите за вработување на определено време во компанијата и пред новите склучени договори за вработување на определено.

    Комисијата нема моќ да ја врати на работа бремената жена, па му препорача на„Просветно дело“ во иднина да се воздржува од практики што продуцираат нееднаков третман и дискриминација на вработените по основ на пол, род и бременост при остварувањето на нивните права од работен однос и да ја почитува и применува законски загарантираната заштита од дискриминација по основ на бременост, раѓање и мајчинство.

    Бркањето бремена жена од работа се коси со Уставот и со многу силни меѓународни конвенции кои важат кај нас исто како законите. Со ваков гест најбрутално се крши Законот за работни односи кој во членот 77 вели:

    „Работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира