Сите возрасни групи се под ризик од денешното сонце. Сепак, во најголем ризик се децата и младите, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Томица Сотировски, специјалист-дерматовенеролог од Клинката за дерматовенерологија во Скопје. Со д-р Сотировски разговаравме за тоа, дали изминативе години, со климатските промени и високите УВ зраци, е зголемен бројот на пациенти со рак на кожа.
„Бројот на пациенти со рак на кожа е со мал, но сепак континиуиран раст. Тоа не мора да значи само зголемена зачестеност на ракот на кожа, туку зголемената бројка може се должи и на почестите прегледи на граѓаните и навременото дијагностицирање на ракот на кожа. Во светот се вложуваат многу средства во кампањи за превенција на рак на кожа и подигање на свеста кај луѓето за овој проблем. Свесноста за ракот на кожа е сѐ поголема и кај нашите граѓани. Интернационално, мај е прогласен за Месец за подигнување на свесноста од рак на кожа. Како и во светот, така и кај нас, во мај постојат кампањи и организирани бесплатни прегледи“, вели тој.
Д-р Сотировски кажа дека не е поместена возрасната граница за појава на рак на кожа. Ракот на кожа најчесто се јавува кај луѓе над 50 години. Во зависност од типот на рак на кожа и неговата етиологија, постојат типови на рак на кожа кои се јавуваат во која било возраст, на пример, меланом кај кој постои и генетска предиспозиција. Постојат и типови кои се јавуваат во постара возраст, на приме базоцелуларен карцином, кај кој зголемената изложеност на сонце во текот на целиот живот е главна причина за појава.
Во летниот период, сите возрасни групи се под ризик, особено децата и младите. Оштетувањата од сонцето во детска и адолесцентна возраст доведуват до почеста појава на кожни промени и рак на кожа во подоцнежна доба.
„На ова би додал дека оштетувањата на кожата од сончевите зраци се со кумулативен карактер. Тоа значи дека долготрајната постојана фотоекспозиција низ целиот живот доведува до почеста и порана појава на кожни промени и рак на кожа“, вели тој.
Докторот од Кожна клиника апелира дека сите возрасни групи треба подеднакво да се штитат од сонцето, да избегнуваат изложување на сонце особено помеѓу 10 и 16 часот, се разбира ако условите го дозволуваат тоа. Препорачливо е да се носат капи и шешири, лесна облека по долги ракави и да се употребува фотопротекција со минимум СПФ30 ниво на заштита.
За што треба да се внимава, кои се првите знаци за рак на кожа, д-р Сотировски вели дека првите знаци за рак на кожа може да се многу неспецифични, црвенило, пецкање, зголемен јадеж околу некоја бемка.
„Граѓаните треба да внимаваат на појавата на нови бемки, на зголемениот број на бемки и најважно, промена на боја, форма и/или димензија на веќе постоечка бемка. Новите бемки и други кожни промени, кои долго време не зараснуваат и крварат се исто така индикација за преглед кај дерматолог“, вели докторот.
Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), меланомот на кожата е 17-ти најчест карцином кај населението во светот, 13-ти најчест карцином кај мажите и 15-ти најчест карцином кај жените. Од 5 случаи на сите видови на рак на кожа, 1 случај е меланом. Вкупно 325.000 нови случаи на меланом на глобално ниво (174.000 мажи, 151.000 жени) и 57.000 смртни случаи од меланом (32.000 мажи, 25.000 жени) биле проценети за 2020 година.
Големи географски варијации во инциденцата постојат низ земјите и светските региони, со најголема застапеност меѓу мажите (42 на 100.000 мажи) и жените (31 на 100.000 жени) во Австралија/Нов Зеланд, проследено со Западна Европа (19 на 100.000 и за мажи и за жени), Северна Америка (18 на 100.000 мажи, 14 на 100.000 жени) и Северна Европа (17 на 100.000 мажи, 18 на 100.000 жени).
Меланомот продолжува да е редок во повеќето африкански и азиски земји, со стапка на инциденца вообичаено помала од 1 на 100.000 население. Стапката на смртност е зголемена на 5 на 100.000 население во Нов Зеланд, а географските варијации во однос на смртноста се помалку изразени отколку за инциденцата.
Б. НЕСТОРОСКА