Во месноста Карпалак, на полпат од Скопје кон Тетово, денеска се одбележа 22-годишнината од убиството на 10 бранители од Прилепско, убиени од паравоената ОНА во конфликтот во 2001 година.
На 8 август 2001, припадниците на ОНА односно УЧК со ракетни фрлачи го нападнаа конвојот на АРМ во кој се превезуваа бранителите кои се упатуваа на боиштето во Тетовско. Во нападот со проектил беше погоден автобусот во кој загинаа 10 бранители сите од Прилепско, а поголем број беа ранети. Преживеаните бранители со години од ова место бараат да се подобри статусот на бранителите и тука да се подигне достоинствен споменик во чест на загинатите, но освен ветувања, досега ниедна власт нема направено нешто.
„После 22 години сме во истото време и на истото место. За жал, како што го оставивме пред 22 години ова место и денес го наоѓаме така. Се поклонуваме на една плоча која не доликува на настанот кој овде се случи. Баравме, бараме и уште ќе бараме овде да се направи едно спомен-обележје за да се знае дека овие луѓе овде погинаа за државата, а не за некој личен интерес. Учесниците од конфликтот во 2001 година се маргинализирани и никој во нашава држава не нè признава. Немаме никакви права. Како ние да бевме тие што се бореа против Република Македонија, а не тие кои ја бранеа нашата држава. Ние служиме како некој предмет за поткусурување помеѓу политичките партии, како едната партија дава, а другата не дава, па другата дава, а оваа првава не дава. Нас никој во оваа земја не нè почитува“, изјави Јордан Трајковски од Здружението на резервни воени обврзници и учесници во конфликтот од 2021 година од Прилеп.
На годинашново одбележување на масакрот кај Карпалак присуствуваше и министерката за одбрана Славјанка Петровска, во придружба на началникот на генералштабот на АРМ генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, која исто така вети дека ќе настојува на ова место да се изгради достоинствен споменик.
„Овие лица го дадоа најскапоценото – својот живот за нашата татковина и сметам лично, како министерка за одбрана, дека заслужуваат достојно спомен-обележје или споменик, со кој што можеби сигурно нема да ги вратиме назад, но ќе имаме место каде достојно ќе им оддаваме почит. Денеска до Општина Желино, која е надлежна Општина, ќе испратам повторно, исто како што го направив и за Вејце, барање да биде дозволено овде да се изгради споменик и Министерството за одбрана е подготвено тоа да го реализира“, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Пред спомен-плочата на која се имињата на десетте загинати бранители, а која е поставена на банкината до автопатот, панихида одржаа свештените лица од Тетовско-гостиварската епархија, венци и цвеќе положија претставници од кај Претседателот на државата, Владата, Министерството за одбрана, здруженија на граѓани и политички партии, семејствата на погинатите и граѓани од Прилеп и Тетово.
З. АНДОНОВ