Во голем пожар изгоре грнчарската работилница на Стојан Трајковиќ (54) во кумановското село Табановце, една од ретките во државата и единствена во регионот. Пожарот избил во четвртокот наутро и целосно ја пеплосал зградата во која се наоѓале фурната, машините, алатите, материјалите и боите за работа, дрва, како и складиштето со готови производи. Според сопственикот, вкупната материјална штета е повеќе од 35.000 евра.
„Пожарот избувна во 2 часот по полноќ, а јас бев во работилницата до полноќ. Немаше ништо сомнително, не гореше печката. Ме разбуди од спиење сопругата на братучедот, кои живеат веднаш до нас. Го видела пожарот откако огнот им ја осветлил собата. Ведаш повикавме пожарна, и самите почнавме да гасиме. За жал ништо не спасивме, но успеавме да спречиме пожарот да ја зафати куќата. Во просторијата имаше околу 35 кубици дрва, кои ги користам за печење на керамиката, имаше бои и лакови, кои се лесно запаливи. Сè изгоре до темел“, вели разочарано Стојан.
Тој не знае со сигурност која е причина за пожарот, но претпоставува дека е предизвикана од струја, поради оштетен кабел или висок напон. Очекува тоа да го открие увидот што го извршила екипа од кумановската полиција.
„На 31.08.2023 во 06.10 часот во СВР Куманово било пријавено дека во атар на с. Табановце, Кумановско, настанал пожар во кој биле опожарени три помошни простории од куќа сопственост на С. Т. (54) од с. Табановце. Пожарот бил изгаснат од Територијалната противпожарна единица Куманово, а повредени лица нема“, објави МВР.
Имотот на Стојан не бил осигуран, поради што нема да добие надомест за претрпената штета. Ако сака да го обнови производството ќе мора сам да инвестира и да почне од почеток, но вели дека тоа ќе биде многу тешко со оглед на тоа што занаетите изумираат и нема интерес за нивната работа.
„Уште сум во шок од ова што ми се случи. Предизвикана ми е голема штета и тешко ќе биде да се врати она што со години е создавано. Ќе ми треба помош и поддршка, особено од оние кои се во можност да ми помогнат во градежен материјал, цигли, ќерамиди, греди, прозорци и врати, за да го изградам објектот пред почетокот на зимата и да продолжам да го работам она што најдобро го знам. Ако и ја ја затворам работилницата целосно ќе изумре грнчарството во нашиот регион“, вели нашиот соговорник.
Стојан Трајковиќ е еден од петте регистрирани занаетчии-грнчари во државата. Тој е четврта генерација на грнчари во неговото семејство, кои го негуваат овој древен занает. Иако по професија е дипломиран керамичар, во 1992 година го преземал занаетот од татко му и 30 години го работи успешно и со многу посветеност. Со годините го унапредил и освременил процесот, наоѓал нови пазари и клинтни, па неговите производи од украсна и употрелбива керамика, пред сè чинии, пекачи, вазни, саксии, тацни и сувенири не се признаени само во земјата, туку и надвор од неа. Во летната сезона неговите грнчарии ги има во туристичните центри на Јадранско Море. За него грнчарството е уметност и културно наследство на еден народ.
„Македонската керамика е специфична и препознатлива по изработката и дизајнот, таа е креација на мајсторот, но обележјата се национални. Јас најмногу користам елементи на народни носии и нашето сонце, кои се многу ценети не само од нашите граѓани туку и од странците“, вели Стојан.
Трајковиќ е активен и во здруженијата и организации за промоција и поддршка на занатчиството. Тој е потпретседател на Комората на занаетчии во Македоније и член на Управниот одбор на Регионалната комора во Куманово, со цел занаетите да се сочуваат од заборав. Негова е и иницијативата се отвори сувенирница во Куманово, каде што ќе можат да се купат занетчиски производи кои ќе го промовираат нашиот град и нашата земја.
С. НИКОЛИЌ