Азербејџан кажа дека неговите воени мерки во Нагорно-Карабах продолжуваат и втор ден, откако вчера лансираше „антитерористичка акција“ во оваа одметната област, која е под контрола на Ерменија. Баку вели дека нема да запре сѐ додека ерменските сепаратисти не се предадат.
Од декември, Азербејџан одржуваше ефективна блокада на единствениот пат кој води во енклавата од Ерменија. Тензиите во регионот пораснаа во изминатите месеци, што кулминираше откако шестмина луѓе, од кои четворица полицајци, загинаа во две експлозии на нагазни мини.
„Неутрализиравме воена опрема што им припаѓа на ерменските вооружени сили, вклучувајќи возила, артилерија и противвоздушни системи“, соопшти азербејџанското министерство за одбрана, додавајќи дека им наредилo на ерменските воени формации да се предадат и да го распуштат нивниот илегален режим.
Двете држави првпат војуваа во почетокот на 1990-ите, а во неколкунеделната војна во 2020, Азербејџан зазеде области во и околу Нагорно-Карабах, пред да биде постигнато примирје. Тоа беше надгледувано од 3.000 руски војници, но Москва во меѓувреме се фокусираше на војната во Украина.
Ерменскиот премиер Никол Пашињан го обвини Азербејџан дека почнал копнена воена операција чија цел е етничко чистење. Фрустрирани од одговорот на нивната земја, стотици ерменски демонстранти вчера се судрија со полицијата пред парламентот во Ереван, обвинувајќи го Пашињан за предавство.
Азербејџан кажа дека разговори би можеле да почнат во градот Јевлах, кој се наоѓа околу 100 километри од главниот град на Карабах, Степанакерт. И Русија и САД го повикаа претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, веднаш да ја прекине воената операција.