Д-Р АЛЕКСАНДАР МИШЕВ, ЕДИНСТВЕНИОТ ОЧЕН ХИРУРГ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА, ИМА НАД 100 ОПЕРАЦИИ МЕСЕЧНО, НАД 700 ПАЦИЕНТИ СЕ НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕ

    Д-Р АЛЕКСАНДАР МИШЕВ, ЕДИНСТВЕНИОТ ОЧЕН ХИРУРГ ВО ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА, ИМА НАД 100 ОПЕРАЦИИ МЕСЕЧНО, НАД 700 ПАЦИЕНТИ СЕ НА ЛИСТА НА ЧЕКАЊЕД-р Мишев вели дека на Очното одделение во Штип за девет месеци се реализираат по 1.000 операции, претежно на катаракта. (Фото: СДК.МК)

    Доктор Александар Мишев, раководител на Очното одделение на Клиничката болница во Штип, е единствениот офталмолог во Источна Македонија кој е специјализиран очен хирург. Речиси цела декада, тој е единствениот доктор кој врши операциони зафати на очите и лекува очни болести на пациенти од цела Источна Македонија.

    Како резултат на тоа, на листата на чекање постојано има од 700 до 800 лица. Колку повеќе операции се извршуваат, се чини дека уште повеќе се зголемува бројот на болните. Очното одделение опслужува регион со пола милион жители во Источна Макдонија. Ги има од сите градови, од Кочани, Берово, Делчево, Пробиштип, Радовиш и од сите соседни во овој крај, а најмногу се од Штип. Дури и за преку Мој термин има пациенти и од другите региони во државата што во последно време е дозволено и се практикува, додава штипскиот офталмолог Мишев.

    „Дванаесет години сум во штипското Очно одделение кое е од регионален карактер и ги покрива потребите на пациентите од цела Источна Македонија, па и пошироко. Првите години имав неколку колеги специјалисти, но набрзо поради заминување во пензија или со одредени трансфери се случи Очното одделени да остане само со двајца специјалистии. Со сплет на објективни околности, операциони зафати вршам само јас“, вели д-р Мишев.

    Според д-р Мишев, на Очното одделение во Штип за девет месеци се реализираат по 1.000 операции, претежно на катаракта (перде). Операции нема само за време на  летниот период кога се годишните одмори и на крајот од годината. Месечно во ова Одделение се вршат и по 100 операции само на катаракта.

    „Ако се земе предвид дека секој месец имаме и до 10 операции на надворешно перде, потоа од 3 до 5 опереации на халазиони или јачмичиња и една до две на тумори на очните капаци, испаѓа дека месечно имам над 130 разни видови операции и хирушки зафати од најразлична паталогија“, вели д-р Мишев.

    Тој вели дека работата не е само во такви хирушки случаи, туку имаат ангажмани и со секојдневните прегледи и контроли на пациенти кои имаат проблеми, на пример, со дијабетичната ретинопатија, болест која е мошне проширена кај луѓето со зголемен шеќер и такви откриваат од 10 до 15 месечно, потоа високиот очен притисок или болеста глауком која е прогресивна, се оштетува очниот нерв и доведува до ослабување на видот, па и до можно слепило.

    „Месечно дијагнистицираме од 15 до 20 такви пациенти, кај петнасетина пациенти месечно откриваме синдром на суво око кое не лачи доволно солзи, а има случаи и на страбизам како болест кога се искривува положбата на очите која ја има и кај старите лица, но и кај малата и млада популација. За сиве овие случаи се обидуваме да одредиме соодветна терапија меѓу другото и со нови, докажани и поефикасни лекови“, вели д-р Мишев.

    Очното одделение опслужува регион со пола милион жители во Источна Макдонија. Ги има од сите градови, од Кочани, Берово, Делчево, Пробиштип, Радовиш и од сите соседни во овој крај, а најмногу се од Штип. (Фото: СДК.МК)

    Според него, независно од големиот број операци на дневно ниво, капацитетот на Очното одделение не е секогаш исполнет затоа што најчесто по операциите пациентите си одат дома, што значи дека незначително се задржува некој на ден-два в болница. На прсти можат да се избројат пациентите кои поради сериозноста на болеста се проследуваат до клиниките во Скопје и добро е што по најново тие можат да бидат згрижени и во приватните болници во Македонија чии услуги Фондот за здравство ги прифаќа.

    Со оглед на успешноста на интервенциите во Очното одделение на Клиничката болница во Штип, со ваквиот третман на Дневна болница ќе се продолжи и покрај тоа што наредниот период се очекува бројот на пациентите и дијагностицираните случаи да се зголемува, по набавката на новите апарати кои се наменети за брзо и ефикасно откривање и дијагностицирање на широката лепеза на болести на очите. Еден од нив е најновиот ОСТ апарат кој е во функција речиси еден месец.

    „Апаратот чини 42.000 евра и е набавен со сопствени средства на Клиничката болница во Штип и со него веќе се откриваат болести на ретината пред сè предизвикана од дијабетес, сенилната макуларна дегенерација, болест која значи замаглување на централниот вид, промените на васкуларните крвни садови и разните воспаленија на очите и било какви промени на очното дно. Наопходно е само граѓаните навреме да доаѓаат на лекар кога ќе забележат дека со очите и нивниот вид нешто се случува“, вели д-р Мишев.

    Тој е задоволен со ваквата опременост на Одделението, но не и со стручната екипираност. Искра надеж дека Одделението кадровски ќе се надополнува дава фактот што до крајот на годината на специјализација ќе биде упатена една докторка, а наредната година се предвидува уште една специјализација.

    Тоа што во изминатите неколку години Очното одделение работи мошне успешно и беспрекорно и со овој минимален кадар, е резултат на стручноста, но пред сѐна големата посветеност и ентузијазам не само од негова страна, туку и од постојните вработени кои сестрано му помагаат.

    „Сметам дека сме мала, но стручна и мошне сложна и уиграна екипа на која пациентите ѝ се во преден план. Сега сме само двајца специјалисти, а оптимално е да бидеме најмалку пет, недостасуваат и медицински сестри. Сега се 4, а има потреба за уште толку. Истото важи и за останатиот кадар, болничари и хигиеничари. Тоа се важни прашање кои мора да се решаваат во наредниот период заедно со раководството на Клиничката болница и со соодветните министерства“, вели  д-р Мишев.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира