Почина легендарниот хуморист, сатиричар и имитатор Војче Китаноски. Имаше 68 години, и естрадна кариера од 50 години.
Дипломирал на Шумарскиот факултет во Скопје, а се стекнал и со лиценца за туристички водич. Автор е на изданијата „Енциклопедија за хумор и сатира“, „Антологија на 500 вицеви за деца“.
Како хуморист и имитатор почнал да настапува од 1983, прво на концерти на срскиот пејач Мики Јевремовиќ, а потоа и шест години гостувал на броjни концерти низ Југославија на леgендарниот Тома Здравковиќ.
Во 2017, на прославата на Денот на независноста, 8 Септември, Китаноски пред Владата ги пречекуваше граѓаните облечен како Тито.
„Македонци, дојде Тито да ви го честита празникот 8 Септември“, им велеше Китаноски на граѓаните кои влегуваа во дворот на Владата и голем број од нив застануваа и се сликаа со него, а тој ги поздравуваше како маршалот.
„Тито е мој идол. Ова е прва прослава на Денот на независноста на која што се појавувам како Тито. Изминативе 10 години не беше безбедно да се појавам на прославите. Лани бев во Јајце на одбележувањето на 73-годишнината од АВНОЈ, каде што сме признати како држава. Во јуни ќе одам на одбележување на 75-годишнината од битката на Неретва да оддадам почит како на Тито, така и на загинатите”, ни изјави тогаш Китаноски.
Во 2020 ја водеше „Историската тура со маршалот“ околу објектите и наследството од југословенскиот период во организација на Град Скопје.