НИКОЛОВСКА И ПЕТРЕСКИ ГО САБОТИРАА ВОНРЕДНОТО ИЗБОРНО СОБРАНИЕ НА ДПМ, НА ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ИМАШЕ И ПОЧИНАТИ ЛИЦА, РЕАГИРА ГРУПА ОД 64 ПИСАТЕЛИ

    НИКОЛОВСКА И ПЕТРЕСКИ ГО САБОТИРАА ВОНРЕДНОТО ИЗБОРНО СОБРАНИЕ НА ДПМ, НА ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК ИМАШЕ И ПОЧИНАТИ ЛИЦА, РЕАГИРА ГРУПА ОД 64 ПИСАТЕЛИВонредното собрание беше закажано откако на 9 октомври претседателот Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка поради здравствени причини, по што Кристина Николовска, претседателка на Собранието свика Вонредно изборно собрание. (Фото: Архива на ДПМ)

    Претседателката на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) во заминување Кристина Николовска и претседателот на ДПМ во оставка Христо Петрески направија толку многу активности што резултираа со необезбедување присуство на поголем број членови на ДПМ и се откажа денешното Вонредно изборно собрание, реагираат членови на ДПМ, преку соопштение испратено од писателот Иван Антоновски, еден од кандидатите за претседател на Собранието, а потпишано од 64 членови.

    ДПМ претходно преку соопштение објави дека „На закажаното Вонредно изборно собрание на ДПМ, откако Собранието беше отворено, се пристапи кон избор на Верификациона комисија. Откако се констатираше бројот на присутните членови, беше заклучено дека од вкупно 286 члена на ДПМ, беа присутни 73 члена, а за кворум за работа на седницата потребни беа 96 члена. Според тоа, на Вонредното изборно собрание на ДПМ немаше кворум за работа на седницата.

    Соопштението испратено од писателот Иван Антоновски, еден од кандидатите за претседател на Собранието, е потпишано од 64 членови на ДПМ.

    Кандидати за претседател се Блаже Миневски и Мирче Нешовски. Претходно се кандидираа, но ги повлекоа своите кандидатури Живко Грозданоски и Гоце Ристовски. Кандидатури за претседател на Собранието на ДПМ, поднесоа Антоновски и Стефан Марковски.

    „Ударот врз ДПМ беше подготвуван изминатиот период од претседателката на Собранието на ДПМ, Кристина Николовска со тоа што: и покрај барањето на членови за увид и прочистување на Избирачкиот список, таа не го овозможи тоа и во списокот останаа починати лица. Таа оневозможи членовите на ДПМ што живеат надвор од земјата да гласаат на Вонредното изборно собрание, без да прифати и понуди решение нивното очекувано отсуство да не влијае на кворумот на седницата. Повеќе од половина од членството на ДПМ според јавно објавениот список на веб-страницата на ДПМ, што не користи електронска пошта, воопшто не беше информирано за одржувањето на Вонредото изборно собрание, и покрај обврската на претседателот на Собранието преку други начини на комуникација да ги информира и да им ги достави материјалите за седницата“, стои меѓудругото во нивната реакција.

    Дел од членовите на ДПМ бараат од Николовска итно да организира продолжение на седницата на Собранието на 27 јануари 2024 година и итно да го прочисти списокот на ДПМ од починати членови и да овозможи јавен увид во списокот. Тие велат дека отсега натаму, секое соопштение испратено од официјалната адреса на ДПМ зад коешто стојат Христо Петрески и Кристина Николовска, освен соопштение во врска со продолжението на Вонредното изборно собрание, се смета нелегитимно.

    Вонредното собрание беше закажано откако на 9 октомври претседателот Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка поради здравствени причини, по што Кристина Николовска, претседателка на Собранието свика Вонредно изборно собрание. На 14 октомври, Петрески ја повлече неотповикливата оставка и рече дека била „изнудена поради притисоци, уцени и закани“. На 15 октомври, 21 проминентен член од различни генерации на Друштвото на писателите на Македонија јавно ја повикаа Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, да подготви и да испрати до членството Дневен ред како и Деловник за Вонредното изборно собрание.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира