„КЕПС МАУНТ ГРУП“ ВО БАРАЊЕТО ЗА НОВА „Б“ ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА НЕ КАЖУВА НИ КОЛКУ ЌЕ ЗАГАДУВА, НИ КАКО ТОА ДА СЕ КОНТРОЛИРА, ВЕЛИ ЕКО-ЕКСПЕРТОТ НИКОВ

    „КЕПС МАУНТ ГРУП“ ВО БАРАЊЕТО ЗА НОВА „Б“ ЕКОЛОШКА ДОЗВОЛА НЕ КАЖУВА НИ КОЛКУ ЌЕ ЗАГАДУВА, НИ КАКО ТОА ДА СЕ КОНТРОЛИРА, ВЕЛИ ЕКО-ЕКСПЕРТОТ НИКОВОд јавната расправа по барањето нова еколошка „Б“ дозвола која „Кепс маут груп“ ја бара за да ја отстрани депонијата со згура крај Велес. (Фото: СДК.МК)

    Не постои инсталација, постројка која не загадува, такво нешто нема во светот. Ова беше една од забелешките на јавната расправа по барањето нова еколошка „Б“ дозвола која „Кепс маут груп“ ја бара за да ја отстрани депонијата со згура крај Велес, резултат на три децениската работа на Топилницата. При дното од депонијата има опасен отпад, за што нема објаснувањe  како да се отстрани, а да не создава загадување.

    За ова реагираа експертите по екологија.

    „Пракса е да не се нарекуваат работите со висинско име. Ридот со згура за кој тука разговараме, спаѓа во жешките индустриски еко точки во Македонија. Тој така фигурира и се обидов низ документацијата на барањето да најдам жешка точка, но таков поим не постои. Потоа, кога уште во почеток се инсистира дека нема загадување, тоа иритира. Не постои процес кој нема да предизвика загадување. Треба да стои во документот, загадувањата се ‘такви и толкави’. Дали се работи за мокар процес, сув процес, процес на сеење, процес на дробење, мора да се каже дека се очекуваат такви и такви емисии. Овие процеси на работа се на принцип добивам и губам, треба на јавноста точно да ѝ се каже, што даваме, од што се откажуваме и што добиваме“, кажа на јавната расправа Бошко Ников, експерт за екологија.

    Тој додаде дека има многу малку за ремедијацијата, што е основа за жешките точки.

    „Процесот ќе предизвика некакво загадување, кое треба да биде во рамките на дозволеното и да нуди одредена корист на граѓаните, што не го пронајдов во документот. Тој рид не е Баба Рога ниту чоколада за јадење. Вакви депонии, ‘империјал смелтинг’ има 14 во светот, работи една во Кина, друга во Северна Кореја и не сум сигурен за Јапонија. При обработката на згурата ќе имате партии каде ќе има опасен отпад. Не видов како ќе се постапува со него. Ниту сретнав каде ќе заврши опасниот отпад“, рече Ников.

    Тој заедно со проф. Трајче Стафилов се авторите на листата на жешки еко точки во Македонија, создадена 2005. И Стафилов беше присутен на оваа јавна распава. Тој, како и останатите говорници кои учествуваа во дебатата, кажа дека велешани се исклучително осетливи на темата загадување и со причина, поради тридецениското труење од Топилницата.

    „Кепс маунт груп“ бара дозвола за дополнителна дејност, дробење, мелење, сеење и загревање на тешки метали или за отворање мини рудник, што досега го немаше во еко дозволата. (Фото: СДК.МК)

    „Ова е втора шанса троската да се отстрани, бидејќи државата не најде средства, сили тоа да го стори. Го прочитав барањето и мислам дека, ако се спроведе и се преземаат максимални мерки на заштита, на контроли, на мониторинг и од концесионерот и од инспекторатот, има шанси да се работи под контрола, да нема емисија на емисија на прашина над дозволените количества. Дава надеж дека процесот е мокар, нема хемиски дејствија, нема металуршки процес, нема загревање. Единствен проблем што може да се јави е механичката работа, прашината. Потребна е посилна мониторинг контрола“, рече Стафилов.

    На јавната расправа присуствуваше и поранешниот градоначалник Аце Коцевски, кој ја издаде претходната „Б“ дозвола. Тој искажа разочарување што за четири години се изнесени минимални количества, наспроти најавите дека секој ден по 50 камиони ќе ја дислоцираат троската. Концесионерот на депонијата „Кепс маут груп“ бара нова „Б“ дозвола откако претходната истече, а за четири години според податоци кои тие ги доставиле до надлежните отстраниле 500 тони згура од ридот тежок 1,8 милиони тони. Со новата дозвола фирмата бара да се постави постројка за мелење и дробење на згурата, оти повеќе ниедна држава во светот не дозволува увоз на троската. Тврдат дека ќе нема топење, хемиски и металуршки процес.

    „Се работи за сепарација, не за преработка. Сепарација врз основа на гравитација, на магнет. И во барањето и сега кажувам дека нема ништо да остане при сепарацијата. Постојат осум фракции кои ќе се користат, меѓу другото за бехатон плочи, во асфалтната индустрија, за вотерџет материјал, за цементната индустрија, за метали, за железо, за тампон. На крај ништо нема да остане. Ние не користиме финансии од ЕУ фондови, од државата, од Општината. Сè што досега работевме, инвестиравме беше од сопствени средства. И не сме извезле 500 тони туку 150 тони. И не ѝ плативме на државата 13 илјади денари за четири години по основ на извезена згура, туку многу повеќе. И се обврзавме со гаранции, дека доколку дојде до загадување да извршиме обесштетување. Нема топење, нема хемикалии, нема хали. Реагирате дека бавно сме работеле, но нека некој каже пример во светот каде и за колку време е ваков рид отстранет. Нудиме технолошка постапка која нема да има влијание на животна средина, бидејќи работиме со вода“, рече Милјан Шчекиќ, управител на српската „Кепс маунт груп“, која во Македонија е регистрирана како мешовита српско-македонска компанија.

    За потребите на работата на новата постројка и новиот начин на отстранување на троската, фирмата од „Метрудхем“, сопственикот на Топилница, го добила за работа бетонскиот базен и два преливни базени.
    Рокот на (не)издавање на „Б“ еко дозволата од Општина Велес е 60 дена од поднесувањето, кое се случи на 15 ноември. Забелешките кажани на оваа јавна расправа, барателот може но и нема обврска да ги внесе во документот за барањето.

    П. ПЕЧКОВ

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира