Абдул Малик ал-Хути, енигматичниот лидер на хутските борци во Јемен чии напади врз бродови во Црвеното Море предизвикаа реакција на војските на САД и Велика Британија, успеа да претвори разбојничка милиција во сандали во сила која им пркоси на светските сили. Неколку бродски компании ги суспендираа операциите преку Црвеното Море поради нападите на хутите, кои управуваат со најголем дел од Јемен по војна во која не им се даваа големи шанси.
„Тие успеаја да преживеат во изминатите осум години, да ја прошират својата моќ и сега буквално ги повикуваат воздушните напади на најголемите светски армии“, изјави британскиот експерт за Блиски Исток, Тобијас Борк.
Ал-Хути создал репутација на жесток заповедник на фронтот пред да се издвои како лидер на хутското движење, кое од 2015 се бори против воена коалиција предводена од Саудиска Арабија. Оваа војна однесе десетици илјади животи и ја уништи јеменската економија.
Под водство на Ал-Хути, кој е во 40-ти години, групата собра десетици илјади борци и огромен арсенал дронови и балистички проектили, одважувајќи се да ја напаѓа и стратешката инфраструктура на Саудиска Арабија.
„Ал-Хути успеа да трансформира рурална бунтовничка милиција во една од најотпорните недржавни вооружени групи во регионот“, додаде Борк.
Ал-Хути е познат по тоа што ретко останува долго на едно место, не збори со новинари и не закажува јавни настани. Од почетокот на војната во Јемен, наводно ниеден странски функционер не се сретнал со него во живо.
„Голема чест е што можеме директно да се судриме со Америка и Израел“, кажа Ал-Хути во своето последно телевизиско обраќање, во кое го исмеваше Џо Бајден како старец кој едвај се качува во авион.
Поддржано од Иран, хутското движење беше основано за да се бори за интересите на малцинската шиитска секта Зајди, која 1.000 години владеела со јеменското кралство, до 1962 година, а чие постоење беше загрозено од владеењето на Али Абдула Салех од 1990 до 2012.