Крива Паланка е Град на културата за 2024, соопшти Министерството за култура. На конкурсот, апликација доставиле и од Општина Велес. Манифестацијата ќе започне во март и ќе се одвива до крајот на годината.
Од Министерството велат дека комисијата оценила оти Општина Крива Паланка има богата програма, која нуди издржан програмски концепт, со различни жанрови и естететика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници.
„Општина Крива Паланка ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи културна содржина во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во културата. Во програмата се содржани 55 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори“, велат од Министерството.
Манифестацијата Град на културата почна да се одржува од 2004.