Техничкиот премиер Талат Џафери вели дека Хашките случаи се завршена приказна, откако Комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ во писмо до македонската влада претходно месецов побара да се поништи амнестијата за Хашките случаи и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови.
Одговарајќи на новинарско прашање за време на настан во Тетово, Џафери денеска рече дека законите се донесени и приказната е затворена.
„Веќе дадов одговор за тоа дека е завршена работа во контекст на она што е законодавство и состојбата во државата. Завршена е таа приказна, законите се донесени“, изјави Џафери.
Станува збор за четирите хашки случаи „Водство на ОНА“, „Липковска брана“, „Гробница Непроштено“ и „Мавровски работници“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ во 2012 година со гласање за автентично толкување на Законот за амнестија од 2002 година одлучија да престане кривичното гонење на одговорните за четирите случаи.
„Да се отповика автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата кои што беа трансферирани од Хашкиот трибунал на домашните судови“, се вели во препораките на Мијатовиќ во писмото до македонската влада од 15 јануари, објавено вчера од Советот на Европа.
Мијатовиќ додава дека без цврсто осудување на злосторствата од минатото не може да се гради мирно демократско општество.