30 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ОД 6-9 ГОДИНИ ИМААТ ЗГОЛЕМЕНА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА, 28,4 ОТСТО ОД ВОЗРАСНИТЕ СЕ ДЕБЕЛИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕ

    30 ОТСТО ОД ДЕЦАТА ОД 6-9 ГОДИНИ ИМААТ ЗГОЛЕМЕНА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА, 28,4 ОТСТО ОД ВОЗРАСНИТЕ СЕ ДЕБЕЛИ, ВЕЛИ ИНСТИТУТОТ ЗА ЈАВНО ЗДРАВЈЕПовеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини. (Фото: К. Попов)

    Дебелината во Македонија од 1990 до 2022 кај возрасните е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто, вели Иниститутот за јавно здравје (ИЈЗ) во чест на 4  Mарт, Светски ден на дебелината. Во земјава, 28,4 отсто од возрасните  живеат со дебелина.

    Најновата студија објавена во „Лансет“ покажува дека во 2022, повеќе од 1 милијарда луѓе во светот живеат со дебелина. Во светот, од 1990 година дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите (од 5 до 19 години).

    Повеќе од 10 години, Институтот и Центрите за јавно здравје ја спроведуваат Иницијативата за следење на дебелина кај децата на Светската здравствена организација (СЗО), позната под акронимот ЦОСИ, имплементирана во 45 држави од Европскиот Регион.

    Оваа иницијатива, вели ИЈЗ,  е најмасовниот систем на следење на трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата преку стандардизирани антропометриски мерења и процена на детерминантите на дебелината во семејната и училишната средина. Најновите податоци покажуваат дека: 30,5 отсто од децата од 6-9 годишна возраст во Македонија живеат со зголемена телесна тежина или дебелина,  13,8 отсто од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина. Дебелината е почеста кај момчињата, за разлика од девојчињата.

    Повеќето од децата кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини.

    „Исхрана со високо преработена и енергетски-богата храна е значаен фактор кој придонесува кон развојот на зголемена телесна тежина кај децата.Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата. Физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелина“, стои во извештајот.

    Институтот вели дека трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во Македонија се одржуваат стабилно на високо ниво. Од таму апелираат дека е потребен сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина кои влијаат врз дебелината до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира