Над 2.000 луѓе беа затрупани живи од огромното лизгање на земјиштето во Папуа Нова Гвинеја минатата недела, соопшти денеска националниот центар за катастрофи, а поради непристапниот терен тешко стигнува помош што ги смалува шансите да се најдат преживеани. Бројот на затрупаните околу селото Јамбали во провинцијата Енга на северот на земјата се заснова на проценките на локалните власти кои постојано се зголемуваат по лизгањето на земјиштето во петокот.
Агенција на ОН вчера објави дека се проценува оти бројот на загинати е над 670 луѓе. Националниот центар за катастрофи вчера повторно ја зголеми бројката на 2.000 во писмо до ОН кое беше јавно објавено денеска. Свлечиштето предизвика и големо уништување на згради и бавчи за храна, се вели во извештајот.
„Ситуацијата останува нестабилна бидејќи лизгањето на земјиштето продолжува бавно да се менува, што претставува постојана опасност и за спасувачките тимови и за преживеаните“, се вели во писмото.
Околу 4.000 луѓе живееле во близина на погодената област, изјави денеска директорот на организацијата Кер за Папуа Нова Гвинеја, Џастин Мекмахон. Но, тешко е да се добие точна проценка на локалното население бидејќи последниот веродостоен попис на земјата беше во 2000 година и многу луѓе живеат во оддалечените планински села. Земјата неодамна објави дека пописот ќе биде спроведен во 2024.
Нестабилниот терен, оддалечената локација и племенската војна ги попречуваат напорите за помош во Папуа Нова Гвинеја.