Писателот и филолог Живко Грозданоски денеска е избран за нов претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Денешното редовно изборно собрание следи откако имаше две неуспешни вонредни изборни собранија поради немање кворум.
Грозданоски е автор на десетина книги, за кои има добиено награди. Се зачленил во ДПМ во 2018 , и се вклучил во редакцијата на „Стожер“. Во 2022 се кандидираше за претседател на ДПМ, кога победи Христо Петрески.
За функцијата претседател кандидатури доставија и Весна Дамчевска-Илиевска, Мирче Нешовски и Југослав Петровски. Јордан Ѓорчев поднесе кандидатура, но вчера ја повлече.
Како што соопшти ДПМ, усвоени се и измени и дополнувања во Статутот на Друштвото, а за членови на Управниот одбор се избрани Зоран Анчевски, Виолета Танчева-Златева, Марина Мијаковска, Сузана В. Спасовска, Бранко Цветкоски и Димитар Пандев. Избран е и Суд на честа, кој го сочинуваат Лидија Капушевска-Дракулевска, Санде Стојчевски, Анастасија Ѓурчинова, Владимир Мартиновски и Славе Ѓорѓо Димоски. Раководството на ДПМ наскоро ќе ја одржи својата конститутивна седница, на која ќе биде избран и потпретседател на Друштвото.
Првото вонредното собрание беше закажано лани откако на 9 октомври претседателот Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка поради здравствени причини, по што Кристина Николовска, претседателка на Собранието свика Вонредно изборно собрание. На 14 октомври, Петрески ја повлече неотповикливата оставка и рече дека била „изнудена поради притисоци, уцени и закани“.
На 15 октомври, 21 проминентен член од различни генерации на Друштвото на писателите на Македонија јавно ја повикаа Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, да подготви и да испрати до членството Дневен ред како и Деловник за Вонредното изборно собрание.
„По последните настани, невозможно е Друштвото да продолжи со нормална работа“, рекоа во писмото потпишано меѓу другите и од годинашниот лауреат на Струшките вечери на поезијата Влада Урошевиќ и наградуваните автори Димитрие Дурацовски, Славе Ѓорѓо Димоски, Оливера Ќорвезироска, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Румена Бужаровска, Фросина Пармаковска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски и други.
Б. НЕСТОРОСКА