Украина тврди дека нејзините сили погодиле ултрамодерен руски воен авион „су-57“, во акција изведена речиси 600 километри од бојното поле.
Украинското воено разузнавање сподели сателитски снимки кои ги покжауваат последиците на нападот и ако ова биде потврдено, тоа ќе биде првиот успешен украински удар врз „су-57“ од почетокот на војната, стелт ловец со два мотора, кој се смета за најнапреден руски борбен авион.
Киев кажа дека нападот се случил во воздушната база во Ахтубинск во јужна Русија, оддалечена 589 километри од фронтот во Украина. Нема потврда какво оружје било користено, но некои украински извори велат дека нападот бил изведен со дрон.
Се верува дека постојат само 32 авиони „су-57“, од кои десет се прототипови. Според руските агенции, руската војска лани добила повеќе од десет авиони „су-57“, а уште 76 треба да се произведат до 2028 година.