Мојата баба го практикуваше баењето и уште оттогаш бев фасцинирана со можноста преку употребата на овие тајни вербални формули да се помогне некому и да се промени насоката на човековиот живот, вели Ана-Марија Бранѓолица, која на 14 јуни ја промовираше книгата „Бајачките обреди како дел од македонската народна култура“. Книгата ја издаде „Фуснота“.
Станува збор за магистерски труд кој авторката го одбранила пред десетина година на катедрата по книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, и, како што вели, логично било дека при нејзиното истражување претежно ќе се задржи на лингвистичкиот аспект на овие обреди, иако во нивното практикување подеднакво се значајни и обредните дејствија, најразличните реквизити што се употребуваат.
„Ја имав таа привилегија уште од најмала возраст да бидам во контакт со овој тип на обредна народна медицина, затоа што мојата баба го практикуваше баењето и во нејзиниот стан секојдневно доаѓаа многу луѓе, претежно родители со деца, коишто на овој начин бараа решение за одредени здравствени проблеми. Таа никогаш никому парично не му наплатуваше за оваа помош, а буквално сите што доаѓаа кај неа имаа позитивни искуства и тврдеа дека многу подобро се чувствуваат. Јас уште оттогаш бев фасцинирана со можноста преку употребата на овие тајни вербални формули да се помогне некому и да се промени насоката на човековиот живот“, вели Бранѓолица за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Така, вели таа, оттаму потекнува и интересот и фасцинацијата со моќта на зборовите како средство да се постигне еден одреден позитивен ефект, што на овие простори се практикувало не само преку бајачките, туку и преку додоларските обреди, русалиите и слични ритуални дејствија, каде што главниот протагонист влегува во своевиден шамански транс и низ него буквално протекува река од зборови наменети да се смени судбината и насоката на човековиот живот, да се постигне одредна здравствена корист, да се заштитиме од „злите сили и духови“, или пак едноставно да дојде до промени во климатските услови, како што преку додоларските песни се повикува дождот.
Во доменот на нејзиниот интерес на трудот најмногу биле таканаречените „басми“ – тајни вербални зборовни формули коишто се употребуваат уште од правремето во практикувањето на ритуалите наменети да дојде до нечие оздравување, односно ослободување од болеста.
„Моето истражување се одвиваше во текот на неколку години, а морам да напоменам дека постојат многу малку пишани извори, бидејќи овие обреди сепак се обвиени со тајност и ретко претставувале предмет на научни истражувања. Имав можност да поразговарам и со неколку соговорници коишто самите се занимаваат со овој вид на лекување, или пак тоа го правел член од нивното потесно семејство, а се сретнав и со навистина голем број на луѓе коишто биле во улога на ‘пациенти’ и сите, без исклучок, со мене споделија позитивни искуства“, рече Бранѓолица.
Во текот на повеќегодишното истражување дошла до сознанија дека бајачките обреди многу брзо и ефикасно помагаат при одредени здравствени проблеми. Слушнала најразлични сведоштва од лица коишто лично почувствувале голема здравствена корист или пак истото се случило кај нивните деца, откако врз нив бил практикуван бајачки обред.
„Кога станува збор за значењето и моќта на зборот, во повеќето религии се јавува тврдењето дека создавањето на сè што постои – започнало со зборот. Во хиндуизмот и во будизмот, примордијалниот звук се нарекува ОМ. ОМ е првиот здив на креирањето, вибрацијата што го овозможила постоењето. ОМ го означува Бога, креацијата и себството на сè што постои. Овој глас го претставува како неманифестниот така и манифестниот аспект на Бога, а преку звукот и формата ја симболизира бесконечната реалност и целиот универзум. На овој начин јас ја поставувам и главната теза во трудот дека и самите молитви коишто верниците ги употребуваат во своите религиски обреди, без разлика за која религија да станува збор, всушност ја докажуваат моќта на зборовите и цврстото уверување на човекот коешто датира уште од правремето дека зборот лечи и помага и дека преку зборот човековата заедница најефикасно може да му се обрати на Бога“, ни рече таа.
Според Бранѓолица, интересно е што „басмите“ многу малку или речиси воопшто не се измениле од аспект на својата содржина, односно жилаво опстојале на овие простори уште од архаично доба. Она што можеби повеќе се менувало се обредните дејствија, како и реквизитите што се употребуваат при баењето. Така, ако некогаш се употребувале претежно пагански реквизити, таквите обреди сега се практикуваат во поруралните и изолирани краишта, додека во поурбаните средини почеста е употребата на христијанските елементи при извршувањето на обредот, па бајачките при обредите се обраќаат и до одредени светци.
„Како еден вид на модифицирани ‘басми’ можеме да ги сметаме и денес сè повеќе популарните афирмации при што во модерната психологија на луѓето им се нудат алатки преку употреба на овие (авто)сугестивни зборови да ја зајакнат самодовербата или да надминат одредени здравствени тегоби – сè се тоа примери колкава е моќта на зборот во нашите животи“, ни рече авторката.
Ја прашавме да сподели со нас какво е искуството од присуство на бајачки обред и Бранѓолица вели дека во тие мигови се почувствувала најмногу поврзана со ова парче земја и со нејзините праисконски манифестации и моќи.
„Се надевам дека и во годините и во епохите што претстојат ќе постојат луѓе коишто ќе го практикуваат овој вид на лекување, затоа што доколку ги заборавиме овие тајни вештини комплетно ќе се оддалечиме едни од други, но и од природата, а воедно ќе запоставиме еден значаен аспект на нашето битисување – можноста преку најпримордијалните алатки да си помогнеме себеси и на другите и да го зацелиме својот дух и тело“, вели Бранѓолица.
Б. НЕСТОРОСКА