Регионалната канцеларија на Здружението на новинари на Македонија бара од надлежните институции во државата што поскоро да го расветлат нападот врз новинарот Зоран Милошески, од Прилеп, сопственик на порталот „Публикум“, дописник на неделникот „Фокус“ и соработник на порталот „Слободна Македонија“. Новинарите од Прилеп и Битола бараат полицијата и Обвинителството да откријат кои се сторителите кои на 25 овој месец, половина час пред полноќ го опожарија просторот пред влезот од неговата гаража на улица „Бидимаш“ во Прилеп.
„Расветлувањето на нападот ќе ја реши дилемата дали нападот е поврзан со работата на Милошевски како новинар или се работи за изолиран инцидент. Полицијата и Обвинителството при расветлување на настанот мора да ги имаат предвид и укажувањата на новинарот дека и претходно бил изложен на закани и притисоци на локални моќници. Брзото решавање на нападите и острото санкционирање на насилниците ќе придонесе да се намали бранот на насилство врз новинарите“, бараат од регионалната канцеларија на ЗНМ.
Од прилепското Основно јавно обвинителство денеска информираат дека случајот е евидентиран и дека се чекаат резултатите од вештачењето.
„Во постапка прилепската полиција побара да се изврши вештачење на земени примероци кои се носат во МВР. По завршување на вештачењето, во зависност од резултатите постапката ќе продолжи во Обвинителството“, соопшти јавниот обвинител Ристо Шошески.
Екипа на кримтехника во Прилеп веднаш по пријавата критичната ноќ изврши вештачење, а СВР Битола, соопшти дека истрагата е во тек.
Новинарот Милошески изјави дека последната година особено се соочува со закани и притисоци, поради критичкиот пристап во третманот на информациите во новинарските написи. Тој можните сторители ги лоцираше во луѓе блиски на локалните власти од регионот на Прилеп и Битола, зашто како што вели, нивната работа е во фокусот на неговата новинарска работа.