НАРОДНАТА БАНКА ПРЕДУПРЕДИ ДА НЕ СЕ ОТКРИВААТ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ПО ТЕЛЕФОН, ЗАШТО СЕ ЈАВУВААТ ИЗМАМНИЦИ ЗА ДА ГИ ЗЕМАТ И ЗЛОУПОТРЕБАТ

    НАРОДНАТА БАНКА ПРЕДУПРЕДИ ДА НЕ СЕ ОТКРИВААТ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ ПО ТЕЛЕФОН, ЗАШТО СЕ ЈАВУВААТ ИЗМАМНИЦИ ЗА ДА ГИ ЗЕМАТ И ЗЛОУПОТРЕБАТ„Не започнувајте комуникација во којашто ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка“, вели Народна банка. (Фото: СДК.МК)

    Народната банка на Македонија (НБРСМ) денеска предупреди да не се разговара со непознати лица кои лажат дека се јавуваат во нејзино име, зашто ако на измамниците им се дадат личните податоци, има ризик тие да бидат злоупотребени.

    „Злоупотребувајќи го идентитетот на Народната банка, преку телефонски повици непознати лица се обидуваат противправно да остварат финансиска корист и/или да приберат лични податоци коишто потоа можат да бидат злоупотребени. Ја известуваме јавноста дека Народната банка нема никаква поврзаност со лицата коишто ги оствариле телефонските повици и апелираме до граѓаните да не откриваат лични податоци, ниту пак да преземаат активности согласно со барањата од непознатите лица“, предупредува Народна банка.

    Особено се укажува да не се наседнува на барањата за трансакција, односно за уплата на пари на потенцијалната жртва на измамата на некоја банкарска сметка.

    „Ако имате добиено или ако во натамошниот период добиете неочекувани телефонски повици, е-пошта или СМС-пораки од сомнителни адреси или од телефонски броеви во коишто ви се нуди нешто што не делува реално и вистинито, или од вас се бара откривање на лични податоци, не започнувајте комуникација во којашто ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка“, вели НБРСМ.

    Таа уверува дека ниту еден претставник и вработен на Народна банка, во ниту еден случај нема телефонски да побара број на сметка, ПИН или друг вид на личен податок, ниту пак да бара да се уплатат средства на одредена банкарска сметка.

    „Ако граѓаните добијат телефонски повик или порака преку друго комуникациско средство (електронска пошта или преку социјалните мрежи) од лице за кое се сомневаат дека лажно се претставува како вработен во Народната бaнка, веднаш да го пријават случајот во Народната банка, преку официјалната е-адреса: [email protected]“, апелира Народна банка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира