Актерот Роберт Вељановски е нов в. д. директор на Драмски театар Скопје, соопшти театарот на својата фејсбук страница. Тој е член на ансамблот на Драмски и доаѓа на местото на досегашната в. д. директорка, Викторија Рангелова-Петровска.
Вељановски беше директор на Драмски театар од 2013 до 2017, за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, а со промената на власта беше разрешен од министерот за култура од СФСМ Роберт Алаѓозовски во јули 2017.
Тогаш од Министерството за култура изјавија дека по извршената инспекција најдени се неправилности во работењето на Вељановски, односно дека според наодите на инспекцијата, не спроведувал постапка за реаудиција, незаконски издавал простор од објектот кој е сопственост на државата, а чиј договор за закуп бил истечен две години претхидно, не водел евиденција за работното време, и Годишната програма на театарот ја усвоил без согласност на Управниот одбор.
Роберт Вељановски е вработен во Драмски од 1997, а во 2013 на чело на институцијата дојде по прераната смрт на претходниот директор, актерот Бранко Ѓорчев. Во првата година на неговиот мандат, уметнички директор беше Зоран Љутков, кој со оваа власта е актуелен министер за култура. Љутков во 2013 се повлече од уметнички дииректор, како што рече тогаш, од лични причини, a потоа, уметнички директор стана Рубенс Муратовски, кој се повлече од оваа функција без некое образложение.
Вељановски е актуелен советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Карпош и професор на Универзитетот Еуропа Прима, поранешен Есра.