Пожарот што го зафати шумскиот појас над охридските села Опеница, Косел, Вапила, Куратица и Расино од рано наутро интензивно се гаси од воздух. Вклучени се два хеликоптера и три „ер-трактори“ кои со часови прелетуваа над градот за да полнат вода од Охридското Езеро.
Вчеравечер поради силниот ветер состојбата на терен беше критична, по што Штабот за заштита и спасување при Општина Охрид донесе одлука за вклучување на тешка механизација за да се направи појас за спречување на понатамошно ширење на пожарот.
„Координирано дејствуваат екипите на општинските јавни претпријатија, Територијалната противпожарна единица од Охрид, Национални шуми, Национален парк ‘Галичица’, Центарот за управување со кризи (ЦУК), Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како бројните волонтери кои се одзваа на повикот за помош, а тоа се жителите од локалните села каде има пожар, членови на доброволното против пожарно друштво ‘Ентузијаст’, членови на навивачката група ‘Рибари’, како и пожарникари од Неготино кои доброволно се приклучија во акцијата. Согласно последните информациите од терен кои ми се доставени, пожарите се под контрола“, вели градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.
Пецаков вели дека екипите ќе работат на терен сѐ додека не се обезбедат сите локации.
Од Центарот за управување со кризи , велат дека во текот на вчерашниот ден регистрирани се вкупно 42 пожари на отворен простор, од кои во моментов активни се пет.
„Во регионот на Охрид, активен е пожарот на потегот кај Илинска Планина и селото Базерник, како и на четири точки на потегот кај селата Косел-Расино-Опеница-Вапила. Во Струга се изгаснати пожари на четири точки и тоа кај селата Татеши, Велешта, Калишта и Заграчани“, велат од ЦУК.
На пожарот во с. Брезница дејствува чешки хеликоптер „bлек хок“, од огнот не е зафатено ловиштето Јасен, рече директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
„Проблемот е што мора да се симне на помала надморска височина, да полета, да се искачи горе на повеќе од 1.400 метри да ја истури водата и пак да се врати. Благодарност до храбрите пилоти од Чешка. Пожарот е во атарот на селата Тажево и Брезница со крак кон Јасен, но ловиштето Јасен не е зафатено од пожар. Вработените во Јасен не дозволија пожарот да навлезе на територија на територија на ловиштето Јасен“, рече Ангелов.
Ангелов вчера кажа дека на територијата на државата помагаат еден хеликоптер од Србија, еден од Чешка, еден од Словенија, два од Унгарија, два „ер-трактора“ од Шведска и два од Германија. На помош е пристигнат и тим од Унгарија со 46 лица, со специјални теренски возила за движење по тешко пристапни предели.
С. ВРЕНЦОВСКА