НОБЕЛОВЕЦОТ ЈУНУС ЌЕ ЈА ВОДИ ПРИВРЕМЕНАТА ВЛАДА НА БАНГЛАДЕШ ПО БЕГСТВОТО НА ПРЕМИЕРКАТА ХАСИНА

    НОБЕЛОВЕЦОТ ЈУНУС ЌЕ ЈА ВОДИ ПРИВРЕМЕНАТА ВЛАДА НА БАНГЛАДЕШ ПО БЕГСТВОТО НА ПРЕМИЕРКАТА ХАСИНАХасина го сметаше Мухамад Јунус за јавен непријател (Фото: Гети)

    Добитникот на Нобеловата награда за мир Мухамад Јунус ќе ја води новата привремена влада на Бангладеш, на местото на неговата долгогодишна политичка противничка Шеик Хасина. Осумдесет и четиригодишниот Јунус ја замени Хасина ден откако таа поднесе оставка и избега од земјата по крвавите протести.

    И додека Јунус се прослави со неговото пионерско користење на микрозаеми, за што и ја доби Нобеловата награда, Хасина го сметаше за јавен непријател. Тој моментално е на условна слобода откако беше осуден на шест месеци затвор. Познат како „банкар на најсиромашните од сиромашните“ и долгогодишен критичар на Хасина, Јунус ја основаше банката Грамин во 1983 година за да обезбеди мали заеми на претприемачите кои вообичаено не се квалификуваат да ги добијат. Успехот на банката во извлекувањето на луѓето од сиромаштија доведе до слични напори за микрофинансирање во други земји.

    Студентите кои ги предводеа протестите одбија да прифатат воена влада и бараа Јунус да ја предводи привремената управа.

    „Кога студентите кои жртвуваа толку многу бараат од мене да се ангажирам во овој тежок момент, како можам да одбијам“, рече Јунус.

    Протестите почнаа мирно кон крајот на јуни со барање на студентите да се укине системот на квоти за државни вработувања, но станаа насилни откако демонстрантите се судрија со полицијата и провладините активисти на Универзитетот во Дака. Владата се обиде да ги скроти протестите со употреба на сила, полициски час и со исклучување на интернетот, при што загинаа повеќе од 400 луѓе, што доведе до барања за оставка на Хасина. Таа поднесе оставка откако илјадници луѓе упаднаа во нејзината резиденција во Дака.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира