ПОРАЗИТЕЛНО Е ШТО ГОДИНАВА ИМАМЕ ЗА 500 ПОМАЛКУ ЗАПИШАНИ ПРВАЧИЊА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    ПОРАЗИТЕЛНО Е ШТО ГОДИНАВА ИМАМЕ ЗА 500 ПОМАЛКУ ЗАПИШАНИ ПРВАЧИЊА, ВЕЛИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ОБРАЗОВАНИЕУчебната година ќе почне на 2 септември, и ќе трае до 10 јуни 2025. (Фото: К. Попов)

    Во мај во основните училишта се запишале 17.200 првачиња, или за 500 помалку од лани, рече вчера министерката за образование и наука Весна Јаневска.

    „Податоците се поразителни. Државата не може да има иднина ако овој тренд продолжи. Ќе се потрудиме да ги промениме состојбите, да ги задржиме нашите граѓани да останат тука и да бидат задоволни од условите за образование, за работа и живеење“, рече министерката по посетата на Основното училиште „Наум Охридски“ во с. Булачани.

    Јаневска најави дека Министерството за образование и наука (МОН) во следните три години ќе изгради нови 28 училишни спортски сали во Македонија. Се планира активностите да започнат во 2025 и да завршат до крај на 2027 за што, според пресметките, ќе биде потребен буџет од околу 560 милиони денари (околу 9 милиони евра).

    „Кога се работи за најмладите, ставот на Владата е јасен, поддршката е безрезервна и се водиме по нивните најдобри интереси. Затоа што само така можеме да им создаваме подобри услови за образование и живеење во Македонија, посилно чувство на припадност во општеството и мотив да останат и понатаму да помогнат во развојот на државата“, рече Јаневска, додавајќи дека мора да се работи на сите полиња, за да се стопира процесот на иселување на младите.

    Учебната година ќе почне на 2 септември, и ќе трае до 10 јуни 2025. Јаневска вчера најави дека се укинува пролетниот распуст, по согледувањето на резултатите од прашалникиот испратен до наставниците, родителите и учениците.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира