Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање и тој да биде вратен во Собранието и подложен на јавна расправа, побараа денеска заедно речиси 20 граѓански здруженија и иницијативи од целата држава. Законските измени беа усвоени во Собранието по скратена постапка на 13 август со 64 гласа „за“ и 11 „против“.
„Барањето наше здружено, на голем број организации од целата држава е Указот за законот да не се потпише и законот да се врати во Собрание, бидејќи потребно е да се случи една суштинска, јавна и стручна дебата за да можат да се предвидат сите последици и потенцијални ризици од оние промени кои се планираат со овој закон“, кажа Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко Свест“ на заедничката прес-конференција пред Собранието.
Од „O2 иницијатива“, кои алармираа уште пред да бидат усвоени законските измени, бараат и министерот за транспорт Александар Николоски да се коригира во своите изјави за медиуми дека тие биле единствените кои сме биле против носењето на овој закон.
„Претседателката Сиљановска досега се нема огласено во јавноста. Будно ја очекуваме нејзината одлука“, велат од „O2 иницијатива“.
Министерот за транспорт Александар Николоски вели дека со измените ќе бидат одглавени 600 детални урбанистички планови, а ќе бидат олеснети и процедурите за градба на објекти од јавен интерес, како училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи, додавајќи дека ова ќе важи само за објекти во целосна сопственост на државата или општината.