Проблемите кои децата ги имаат со видот на рана предучилишна возраст се рефрактивните аномалии, кога окото не го фокусира предметот и видот е замаглен. Тоа е присутно кај 5 до 10 отсто од децата од Велешко кои тргнаа на училиште, а се откриени при задолжителните систематски прегледи извршени летово кај офталмолог.
„Од 700 деца од Велес, Градско и Чашка кои беа прегледани, кај 5 до 10 отсто има рефрактивни аномалии. Тоа се кратковидост, далекувидост и астигматизмот, кој е поредок, но се јавува кај детската популација. Така е и изминатите години, кога ги извршувавме овие систематски прегледи“, вели д-р Тодор Јаковлески, офталмолог при Општата болница во Велес.
Прегледите опфаќаат компјутерско мерење на диоптрија, преглед на очно дно и снеленова табела. Современиот начин на живеење и седењето пред електронските уреди, како мобилни телефони, комјутери, лаптопи и таблети, предизвикуваат рефракциони аномалии на видот.
„Во современиот начин на живеење имаме доста електронски уреди, начинот на живот кај децата е седечки. Затоа овие рани систематски прегледи кај офталмолог помагаат да се констатира дали детето има проблем со видот, да се одреди диоптрија и да носат очила, според динамиката која ќе се одреди“, вели Јаковлески.
Докторот им препорачува на родителите да водат сметка децата што помалку да ги користат електронските уреди и да се одвојат од екраните преку спорт, забава и игра.
„Се појавува замор на очната мускулатура, гледањето во син екран негативно влијае врз видот на детето, може да се јави очен дискомфорт. Ограничувања мора да постојат, не може децата по цел ден да бидат пред екраните, бидејќи и на училиште се пред компјутери. Гледањето во учебници исто така ги заморува очните мускули. Забавата на децата да не биде пред телефон, туку преку физичка активност или кратко кажано, да се одвојат од екраните“, вели Јаковлевски.
Со овие систематски прегледи на рана возраст кај децата на 5-6 години можно е да се открие амблиопија, односно мрзливо око. Тоа е една од придобивките на овие рани систематски прегледи кај офталмолог, бидејќи на подоцнежна возраст, на 10-12 години, таа не може да се коригира ниту со очила.
П. ПЕЧКОВ