ОД ТОПЛОТО ВРЕМЕ И ВО ЕВРОПА ПОЧНА ДА СЕ УМИРА ОД БОЛЕСТИ ШТО ГИ ПРЕНЕСУВААТ КОМАРЦИТЕ, ЛЕТОВО ОД ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА ПОЧИНАЛЕ 51 ВО 15 ДРЖАВИ

    ОД ТОПЛОТО ВРЕМЕ И ВО ЕВРОПА ПОЧНА ДА СЕ УМИРА ОД БОЛЕСТИ ШТО ГИ ПРЕНЕСУВААТ КОМАРЦИТЕ, ЛЕТОВО ОД ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА ПОЧИНАЛЕ 51 ВО 15 ДРЖАВИКомарецот кој ја пренесува треската од животни на луѓе и други животни е веќе одомаќен во Европа (Фото: Шатерсток)

    Климатските промени ја претвораат Европа во плодна почва за болести кои ги пренесуваат комарците, предупредуваат истражувачите. Подолгите лета, повисоките температури и обилните врнежи создаваат поволни услови за комарците на места што претходно не биле такви.

    Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) минатата недела објави дека оваа година се регистрирани 715 случаи на западно-нилска треска во 15 европски држави, што ги надминува бројките од истиот период лани и десетгодишниот просек во Европа. До 4 септември, 51 лице починале од последиците на заразата.

    „Бројот на заразени веројатно ќе расте во септември и октомври. Се соочуваме со проблем во кој нови места би можеле да станат жаришта на заразата, за што претходно не биле подготвени“, вели Селин Госнер, специјалистка за заразни болести во ЕЦДЦ во Стокхолм.

    Во околу 20% случаи за западно-нилска треска се јавуваат симптоми како треска, главоболка, повраќање и замор. Во помалку од 1% случаи се развиваат невролошки компликации, кои можат да вклучат и оток на мозокот опасен по живот.

    „Вообичаено, најголем дел од нас имаат имунолошки систем кој се справува со ова. Но, постарите луѓе со нарушен имунолошки систем се поподложни на посериозни компликации. Во Европа, најголем број пријавени случаи се луѓе над 65 години“, вели Стивен Рич, медицински зоолог од Универзитетот на Масачусетс.

    Во Македонија на 16 септември почина седумдесет и осумгодишен маж од Општина Чешиново-Облешево по комликации од западно-нилска треска. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) предупреди дека постои веројатност за натамошно пријавување нови случаи на заразa со западно-нилска треска на територијата на државата.

    Годинава во Македонија, пријавени се вкупно 4 лабораториски потврдени случаи на западно-нилска треска. Вирусот на западно-нилската треска е присутен меѓу дивите птици, а на луѓето се пренесува при каснување од обичниот (домашниот) комарец кој претходно се заразил хранејќи се на птиците.

    Комарецот culex pipiens, кој ја пренесува треската од животни на луѓе и други животни, особено коњи, е одомаќен во Европа, каде што е присутен од 1950-тите. Но, климатските промени доведоа до продолжени периоди на пренос, па повеќе региони се соочуваат со епидемии, вклучително и области кои претходно не пријавиле инфекции со западно-нилска треска.

    Потоплите услови му дозволија и на азискиот тигрест комарец, кој ги пренесува „тропските“ болести денга и чикунгуња, да го прошири својот опсег. Видот сега е присутен во 13 европски земји и е забележан во уште седум.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира