Американското министерство за правда поднесе тужба против „Виза“ обвинувајќи ја за кршење на антимонополскиот закон со потиснување на конкуренцијата, така што им се заканувала на трговците со високи давачки и им плаќала на потенцијалните ривали.
„Виза“, една од најголемите платежни мрежи во светот, обработува повеќе од 60% од дебитните трансакции во САД, што ѝ носи седум милијарди долари годишно од такси, собрани кога трансакциите се пренасочуваат преку нејзината мрежа, соопшти министерството за правда. Компанијата ја штити таа доминација преку договори со издавачи на картички, трговци и конкуренти, тврдат обвинителите.
Џули Ротенберг, генерална советничка на „Виза“, рече дека конкуренцијата напредува на дебитниот пазар и дека обвинувањата се неосновани и компанијата енергично ќе ги оспори.
„Кога фирмите и потрошувачите ја избираат ‘Виза‘, тоа е поради нашата безбедна и доверлива мрежа и заштитата од големи измами што ја обезбедуваме“, рече таа.
Наводното антиконкурентно однесување на „Виза“ започнало околу 2012. „Виза“ склучи профитабилни договори со потенцијалните конкуренти во финансиската технологија, како „Епл“ и „ПејПел“, според кои тие нема да објавуваат производи што ја загрозуваат нејзината доминација, рекоа обвинителите. Мрежата, исто така, наплаќала „неверојатни парични казни“ за трговците кои не ги насочувале сите или повеќето подобни трансакции преку мрежата на „Виза“, стои во тужбата.