За еден месец од почетокот на учебната година, шест пријави за врсничко насилство пристигнале во Министерството за образование и наука (МОН), рече денеска министерката Весна Јаневска, додавајќи дека по нив се постапува.
Според министерката, државата има систем да води грижа за менталното здравје на младите, преку училиштата, вклучено е и Министерството со својата Педагошка служба, но и таа и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски потенцираа дека е неопходна и меѓуресорска соработка на повеќе министерства, невладини организации и стручни лица. Тие говореа на тркалезна маса за образование за ментално здравје што денеска ја организираше Здружението на граѓани „Младите можат“.
„Бирото за развој на образованието секоја година, па и годинава поради овие шест пријави и други неколку настани, секогаш испраќа препораки за постапување во конкретни и општи случаи. Стручните служби изготвуваат годишен план за справување со одредени проблеми за одржување на менталното здравје на децата, и во годишниот план, во одредени часови вклучително и класниот час, треба да ги спроведат своите едукации и работа со учениците. Доколку се појави конкретен случај, тогаш се прави измена во тој план и понатаму се работи со децата. При поголем проблем, потребно е инволвирање и на други стручњаци, вообичаено тоа е комуникација со Министерството за социјална политика и млади, во ретки случаи е потребно да се повика полиција и лекарска помош“, кажа Јаневска.
На новинарско прашање за поплаките од стручните служби дека имаат многу административни и организациски обврски за сметка на работата за која постојат, Јаневска кажа тие приговори стигнале и во МОН и дека новите закони што се во подготовка „ќе им овозможат да си ја работат својата работа“.
„Ќе инсистираме многу повеќе да се присутни во училиштата со нивната стручност и да помагаат во решавањето на овие проблеми. А некогаш не се само проблеми, ние имаме и талентирани деца со коишто треба да се работи, на некои родители им е потребна помош од некакви други причини, не само поради проблематични деца. Значи, има многу работа за стручните служби, полека воспоставуваме систем со кој тие ќе почнат да си ја работат само својата работа“, рече министерката.
На новинарско прашање зошто Министерството за социјална политика нема статистика за млади кои се жртви на врсничко насилство, Велковски одговори: „ Точно е дека недостигаат одредени статистики во нашето Министерство, но она што беше заборавено во минатото е целосен систем на сите права и услуги коишто, за жал, Министерството не ги спровело со години наназад од не знам кои причини. Тоа го извадивме од фиока и за брзо време ќе ја имаме комплетната слика на сите приматели на правото од социјална заштита, меѓутоа и услугите што ги даваат самите центри. Буквално систем во кој ќе гледаме што се случува во едно семејство и ќе ја знаеме целата слика за тоа семејство“.
Б. НЕСТОРОСКА