Македонија и македонскиот народ имаат огромно културно, фолклорно и материјално богатство кое мора да се продолжи и истражува од новите генерции, рече фолклористот Иван Котев во предавањето на студентите по македонски јазик кои во Штип го изучуваат и предметот мит и фолклор. Котев вели дека досега има собрано над 60.000 фолклорни творби, што доволно зборува дека македонскиот народ има големи творечки можности.
Зборувајќи на темата „Фолклорот – наша идентитетска приказна“, неговиот помлад колега, професорот по народни и дувачки инструменти Горан Ангелов, рече дека фолклорот како долга лепеза на народното творештво има трајни духовни и материјални вредности.
„Тие непроценливи вредности мора да се одржуваат и негуваат и неопходно е да се продолжуваат, практикуваат и пренесуваат од генерација на генерација. Ако го нема тоа, тие вредности со време ќе исчезнат“, вели Ангелов.
Професорката по македонски јазик и книжевност на Штипскиот универзитет Ана Витанова-Рингачева вели дека студентите со изучувањето на предметот мит и фолклор имаат основни познавања од оваа област.
„Мене ми е исклучително важно студентите да го изучуваат делото на големиот фолклорен истражувач Котев. Тој и во своите позни години сѐ уште твори, работи на терен, вади од почва фолклорни артефакти, ги испишува и сето тоа го става во книга. Бројни се неговите истражени песни, легенди, преданија, досетки, пословици, благослови, кажувања и слично. Едно е фолклорот да се чита од стручна литература, сосема друго е да се изучува на терен, како што тоа го прави Котев и на таков начин, младите ќе имаат сосема други погледи и широки хоризонти за нашата фолклорна и идентитетска приказна“, вели Витанова-Рингачева, која годинава од канцеларијата на ЕУ беше прогласена за Европска жена на годината и доби признание за промоција на македонскиот јазик и негување на културните и уметничките вредности и традиции.
Т. ЈОВАНОВСКИ