Во локалитeтот Стоби се реализираше работилница за конзерваторски материјали „Од наука до примена“, а учествуваа десетина студенти и млади вработени во музејските институции. Биле пријавени 40 кандидати, а учеството беше бесплатно.
Конзерваторите како стручен кадар се дефицитарни во Македонија.
„Проектот вкучуваше повеќе активности по фази. Тој се фокусира на современите конзерваторски материјали, како производ на науката и нивната примена и имплементација во заштитата на културното наследство. Во текот на работилницата учесниците имаа можност да ги продлабочат своите знаења преку предавања, обезбедувајќи не само теоретско разбирање, туку и директен контакт со експерти во областа“, вели Биљана Јанкуловска-Пеева, виша конзерваторка во Нaционалната установа „Стоби“.
Во Македонија има недостаток на кадар конзерватори и потребни се вакви форми на практична работа, велат стручните лица. Посетителите на работилницата, низ предавања и практична работа ги совладуваа техниките на конзервација на керамика и стакло. На работилницата имаше учесници и од странство.
„Оваа работилница навистина ќе биде од помош, бидејќи Музејот каде работам поседува голем фонд на предмети од стакло и керамика. Сигурна сум дека заедно со Установата ‘ Стоби’, ќе останеме во контакт, а добиеното знаење ќе послужи во натамошната моја работа “, кажа Милица Радовиќ, од Археолошкиот музеј на Град Будва, Црна Гора.
Учесниците работеа на реплики од керамика и стакло. Проектот е реализиран со помош на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Предавачи беа Емилија Фиданчевски, Лидија Робева-Чуковска и Ивана Коцевска.
„Се пријавив на работилницата, оти сакам да ги надоградам моите знаења во конзервацијата. Тоа многу ќе ми помогне во натамошната кариера“, рече Наталија Манчевска, студентка на Институтот за историја и археологија.
Работилницата беше наменета за студенти од 3. и 4. година на додипломски студии, како и за постдипломци, докторанти и млади професионалци на почетокот од својата кариера, археолози, историчари на уметност, конзерватори, реставратори, ликовни
уметници, технолози и други сродни професии.
Работилницата е проект на Националната установа (НУ) „Стоби“, финансирана од Министерството за култура, дел од годишната програма за 2024.
Експертите од областа на заштита на културно наследство со години апелираат дека Македонија е пребогата со културно наследство, но ќе дојде време кога ќе нема кој да го заштити.
Во мај 2021, тогашниот директор на Управата за заштита на културно наследство, Ацо Костов, рече дека живееме во општество во кое свеста за културното наследство и не е на високо ниво, и е незачувано, неоградено, без сигурносни мерки.
„Друг горлив проблем е што секаде фалат кадри, особено архитекти. Фалат луѓе за конзервација, за фрескоживопис, за икони, за археологија, а ние сме пребогати со повеќеслојноста на културното богатство. Во еден простор може да најдете од антика до денешни артефакти“, вели тој.
Тој тогаш рече дека треба да се вработуваат млади луѓе, и дека конзервацијата не е титула да се стекне, тоа е занатска работа, менторски систем.
„Министерството за култура во 2013 воведе да се доделуваат лиценци за конзерватори. Така е прескокнат еден цел систем на усовршување. Во мое време, бар 20-30 години ти требаа да станеш конзерватор, па виш конзерватор за 10 години , па за 15-20 да станеш советник , за да може да изработуваш проекти и да се занимаваш со посложени ситуации на решавање. Кај нас тоа го скратија, дозволија да се работи со лиценци, градежна фирма да може да изготвува проект. Изгубивме драгоцено време, 15-20 години се занимававме со ново културно наследство, со фејкови и го изгубивме континуитетот на наследување на занатските работи. Ние немаме ни занаетчии, ќе се доведеме во ситуација утре, да побараме пари од Европа, за конзервација на некој објект, веројатно и ќе добиваме, но ќе ни фалат конзерватори. Луѓе кои работат фрескоживописи по манастирите и црквите. Ќе отидат во пензија, ќе немаме луѓе кои ќе можат да пренесуваат знаење. Горлив е проблемот, оти секој објект за себе си е приказна“, рече Костов.
П. ПЕЧКОВ