Јавното комунално претпријатие од Тетово е еден од најголемите загубари во Општина Тетово, но и на државно ниво. Тешката состојба трае со години, а сега ЈКП „Тетово“ на вработените им должи четири плати.
На денешната седница на Советот на Општина Тетово беше предложена точка на дневниот ред со која се побара да се донесе предлог-одлука за покривање на финансиските трошоци и загубите на ЈКП „Тетово“. И наместо да се расправа како да им се помогне на тетовските комуналци, советничката група на ДУИ во Советот ја напушти седницата, велејќи дека во материјалите за седницата нема доволно образложение за ваквиот потег.
„Секоја година ветувате дека ќе се покријат загубите на комуналните претпријатија, но никогаш не сте го одржале зборот, а милиони евра имаат земено“, рече советникот Лиридон Диша од редовите на ДУИ.
Во работата на седницата се вклучи и градоначалникот Биљал Касами, кој побара од сите советници да дадат поддршка за овој предлог, но додека зборуваше на говорницата, советниците од ДУИ си заминаа од седницата.
„Со оваа одлука ќе овозможиме околу 200 работници да добијат четири плати и придонеси за 2024 година. Со тоа, во 2025 година ќе имаат редовни примања“, рече Касами.
Советникот од ВМРО-ДПМНЕ Ратко Давидовски потегот на ДУИ го оцени како чисто политички маркетинг.
„Се исполитизира оваа одлука, а 90% од вработените се нивни луѓе. Ова е само една хумана одлука со која ќе помогнеме вработените да добијат плати и придонеси“, рече Давидовски.
Потоа предлогот беше ставен на гласање и усвоен со мнозинство гласови.
„Донесовме одлука да се покријат трошоците на ЈКП ‘Тетово‘ со девет милиони денари за префрлување на останатиот отпад од времената претоварна станица во Тетово до депонијата Русино. Втората одлука е за покривање на загубите на ЈКП ‘Тетово‘ во висина до 60 милиони денари, наменети за исплата на четири заостанати плати и придонеси во 2024“, рече Наим Исмаили, претседателот на Советот.
З. АНДОНОВ