Дел од гранитните плочки зафатени од лизгалиштето на Широк Сокак во Битола се подигнати над основата. Засега е непознато колкави се оштетувањата, зашто лигалиштето уште не е демонтирано од Плоштадот Магнолија. Но, се гледа дека повеќе од плочките се на повисоко ниво од другите, што не беше случај пред да се стави монтажниот објект. Плочките се дел од амбиенталната улица Широк Сокак која е под заштита како културно наследство од особено значење.
Од Општина Битола ни изјавија дека од она што се забележува на терен, констатирана е денивелација на одреден број на плочки од подлогата, но тоа во никој случај не упатува на оштетувања. Денивелираните плочки се отстрануваат, по што се интервенира со нивелирање на нивната подлога и се враќаат плочките на претходната позиција.
За материјална штета, според ЈП „Паркинзи“, во овој случај не станува збор, од причина што денивелации на амбиенталната улица Широк сокак се честа појава и досега се јавувале на повеќе локации и во различни наврати со години, па согласно потребите се интервенирало на нивното отстранување. Ако има одредени оштетувања, велат од Општината, по отстранувањето на лизгалиштето, веднаш ќе биде постапено, за плочките да го имаат првобитниот изглед.
Лизгалиштето беше поставено во строгиот центар на Битола, на Плоштадот Магнолија, како главна зимска атракција во рамки на манифестацијата „Зимска приказна“ што Општина Битола ја организираше за новогодишните и божиќните празници. Монтажниот објект, со кој стопанисуваше јавното претпријатие „Паркинзи“, работеше 60 дена, поточно до 21 февруари, кога надлежните соопштија дека сезоната за лизгање заврши и дека објектот ќе остане на место неколку дена додека акумулираниот мраз безбедно не се растопи.
Лизгалиштето беше изнајмено од приватна фирма и чинеше 2 милиона денари (над 32.000 евра) „Паркинзи“ распиша јавна набавка и го изнајми уште пред Советот да даде согласност за промена на статутот на фирмата со која се дозволува вршење забавни работи.
Битола во 2019 имаше лизгалиште, но не беше поставено на Широк Сокак, кој е заштитен како културно добро, туку кај спортската сала. Со него и тогаш стопанисуваше „Паркинзи“, но не преку јавна набавка туку како донација.
За гранитните плочки на Широк Сокак се крена голема врева и за време на фестивалот „Браќа Манаки“, кога без одобрение од Управата за заштита на културно наследство дел од плочките беа извадени и заменети со нови на кои беа изгравирани имиња на кинематографери. Од Управата тогаш рекоа дека ќе извршат инспекциски надзор, од кој ќе се знае дали со поставената патека е предизвикана штета на културното наследство. Не е објавен извештај од инспекцискиот надзор.
Ж. ЗДРАВКОВСКА