ПОНИЖЕНИ СМЕ КОГА СО ЧАСОВИ ИСПРАШУВАМЕ ЛЕКАР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И НА КРАЈ ЌЕ СЕ ВРАБОТИ ОНОЈ ЗА КОЈ ЌЕ СЕ ЈАВИ ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА, ВЕЛИ Д-Р НИКО БЕЌАРОВСКИ

    ПОНИЖЕНИ СМЕ КОГА СО ЧАСОВИ ИСПРАШУВАМЕ ЛЕКАР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ И НА КРАЈ ЌЕ СЕ ВРАБОТИ ОНОЈ ЗА КОЈ ЌЕ СЕ ЈАВИ ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА, ВЕЛИ Д-Р НИКО БЕЌАРОВСКИМинистерот за здравство Арбен Таравари најавува дека до крајот на годината ќе биде готов новиот Закон за здравствена заштита. (Фото: К. Попов)

    Се чувствуваме понижени кога со часови испрашуваме и испрашуваме кандидат за вработување, а на крај да се вработи тој за кој ќе стигне повик или порака од Министерството за здравство, вели проф. Дд-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсиологија.

    На денешниот брифинг за запознавање на јавноста околу иницијативата за измени во Законот за здравствена заштита, Никола Димитров, претседател на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, д-р Беќаровски и медицинската сестра Гордана Бешлиовска, претседателка на Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „ЗА НАС“ говореа за тоа дека конечно мора да се промени Законот за здравствена заштита, со кој директорот на здравствената установа има дискреционо право да го вработи не најдобриот кандидат со најмногу поени, туку кандидат преку политичка партија.

    Д-р Беќаровски, кој има 35 години стаж на Клиника и 33 години е професор на Медицинскиот факултет, рече дека денеска здравствениот систем е полош од 1990-тите години, и дека едноставно не му се верува дека денеска студент полесно ќе заврши факултет одошто ќе прегледа пациент и ќе постави дијагноза.

    „Сум бил во комисии за вработување и вака изгледа тоа. Уште кога ќе го добиее списокот со кандидати, знаеме кој ќе биде вработен. Сигнуваат прашањата во плико од Министерството за здравство, кои кандидатот веќе 90 отсто ги знае. И ќе се појави некој како мене кој сака да го прошета малку надвор од прашањата, и ќе видиме дека зад тие научени одговори, има бездна од незнаење. На крајот секако се вработува тоој за кого ќе каже политичката партија“, рече д-р Беќаровски.

    На новинарско прашање, со какви случаи се соочил лично тој кога беше директор, вели дека во неговиот краток мандат, имало оглас за 2 вработувања, и никој не сакал да се пријави, дури и специјализантите кои во моментот биле на Клиниката, бидејќи не верувале дека конкурсот не е наместен. На крај, ги убедиле и тие докторки аплицирале и се вработиле.

    Д-р Беќаровски рече дека освен што со новиот закон треба да укине дискреционото право на директорот, треба да се востанови и Комисијата кои ќе ги бира да биде од самата здравствена установа.

    „Бидејќи сега имаме многу факултети и универзитети, мора да се промени и бодувањето, вреднувањето на дипломата. На пример, од Скопскиот универзитет дипломата да вреди со 10, а на Белградскиот со 30 поени. Кај нас денес не се признаени диплиите од Сорбона на пример, ама се признаени од Косово, од Србија. И доаѓа некој со завршен факултет од Фоча, и има исти поени како со диплома од УКИМ“, кажа д-р Беќаровски.

    Во видео кое организаторите го прикажаа на брифингот, минисерот за здравство Арбен Таравари ја поздравува иницијативата за промена на Законот и најавува дека до крајот на годината ќе биде готов.

    Според Димитров, на партизацијата не ѝ е место во институциите, а уште помалку во здравствениот систем.

    „Ќе дојде ден кога тие што се јавуваат за место или преглед од политичките партии, да нема каде да се јават“, кажа Димитров.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира