„За тело и душа“, романтична драма на унгарската режисерка Илдико Ењеди, ја освoи Златната мечка и изненади со победата на годинашното Берлинале. Љубовната приказна за двајца осамени работници во кланица кои до апсурд се бараат, ја освои и наградата на критиката ФИПРЕСЦИ и уште една награда. За Ењеди ова е исполнување на ветувањето што го покажа со дебито „Мојот 20. век“, кој освои Златна камера за најдобро деби во 1989.
Финскот ветеран Аки Каурисмаки освои Сребрена мечка за најдобар режисер за „Другата страна на надежта“, топла приказна за сиријски бегалец кој патува за Финска да бара азил.
Полската драма за мистериозно убиство „Трага“ на Агњешка Холанд освои награда Алфред Бауер за најдобар европски филм во конкуренција.
„Фелисите“ на Ален Гомис, сиров и реалистичен портрет на пејачот од Демократска република Конго освои награда на жирито.
Претседател на жирито беше холандскиот ветеран Пол Верховен, а изненади и со изборот за најдобра актерка и актер – Ким Мин-хе за „На плажа ноќе сама“ на корејскиот автор Хонг Санг-со за Германецот Георг Фридрих за „Светли ноќи“.
„Фантастична жена“ освои Сребрена мечка за најдобро сценарио, а за најдобро уметничко достигнување е наградена монтажерката Дана Бунеску за „Ана, љубов моја“.
Македонската режисерка Теона Митевска на Берлинале во програмата Панорама имаше светска премиера на нејзиниот филм „Кога денот немаше име“, инспириран од убиствата кај Смилковско Езеро.