Селото Радање е сместено во подножјето на планината Плачковица, во еден живописен крај, оддалечено од Штип 14 километри. Токму добрата и убава местоположба го направило селото Радање да биде привлечно за живеење, па долги години селото било мета на разни доселеници. Ова било посебно изразено во времето кога селото го напуштиле Турците кои заминале за Турција, а се доселиле семејства од другите соседни места, најмногу од пробиштипскиот, радовишкиот, кочанскиот и кривопаланечкиот крај. И денес во селото Радање се градат нови куќи, што не е случај со останатите села кои обично се празнат поради зголемената миграција.
Познатиот штипски активист, акцијаш и голем волонтер, Мите Тушев, направил студиозна и сеопфатна анализа на сите историски карактеристики за селото Радање и за неговите жители. Тушев, кој една година по раѓањето во 1956 година во радовишкото село Јаргулица со своите родители се населил во селото Радање, повеќе од 20 години вршел етнографски истражувања за животот во селото, неговиот жителски состав и успеал сè што е интересно за ова село да го стави во книга со слика и збор на 300 страници.
Така, во монографијата за селото Радање, Тушев врз основа на истражувањата напишал дека за настанувањето на селото Радање имало неколку легенди, од кои најприсутна е претпоставката дека името го добило по доселувањето на некојси Раде или Рада, уште пред турското владеење. Во почетокот, населението било речиси исклучиво православно, Македонци и Власи, но со почетокот на Отоманската Империја, дури во 1519 година во Радање бил направен првиот попис. Тој не бил по број и полова структура, туку биле евидентирани семејствата и неженетите. Тогаш имало 51 христијанскo семејствo и две муслимански.
„Во тоа време биле евидентирани по нивните фамилијарни старешини или главите на семејствата, кои биле задолжени да го плаќаат данокот во натура и точно се знаело кое семејство колку акчиња (данок) треба да плати. Така, еден товар пченица чинел 25 акчиња, мешаното жито 15 акчиња, а еден товар леќа чинел 50 акчиња. Лозарите плаќале рента, ушур од шира, мерена во стара мерка наречена медра. Според тогашните правила на Отоманската држава од тоа време, две медри биле еднакви на едно ведро (стара мерка во Македонија)“, вели Тушев.
По повлекувањето на Империјата, голем број семејства заминале за Турција, а нивните имоти ги купувале доселеници од околните места. Тушев во монографијата ги наведува со име и презиме околу стотина семејства, како и имињата и датумите на раѓање на нивните деца. Авторот во книгата напишал неколку реда и за својата фамилија, Тушеви, почнувајќи од родителите Марија и Никола Тушеви (родени во 1930 година), па сè до неговите деца Маринела и Никола Тушеви.
Во монографијата се прави опсежна антрополошка анализа на постоењето и развојот на ова подплачковичко село за време и по Втората светска војна, кога Радање, за разлика од сегашната територијална поставеност, со одлука на Штипскиот одбор во 1952 година било Општина кон која гравитирале селата од сегашната Општина Карбинци. Според последниот попис во Македонија во 2021 година, Радање имало над 550 жители, но од Месната заедница тврдат дека бројот на жителите де факто е поголем и изнесува над 900, па дури се приближува до бројката од 1000 жители, со оглед на тоа што во селото голем број нови семејства доаѓаат и градат нови куќи.
„При претставувањето на позначајните фамилии во селото Радање (над стотина такви семејства), се обидов да дојдам до податокот дека голем број познати имиња во Македонија и светот, од сите области на живеењето, се родени или потекнуваат од ова село. Стотина раданчани биле, а можеби уште толку се сега, на високи функции во Македонија и воопшто во македонското општествено живеење, во сите сфери“, вели Тушев.
Тушев во својата книга уште пишува дека во тоа време во Радање имало и здравствена заштита, но поради оддалеченоста од градските медицински центри, во селото работела врвна бабица по име Ристика. Во својата историја, во Радање досега се родиле 14 пара близнаци (од 1952 до 2025 година), една тројка родена 1946 година и една четворка родена 2024 година: Леонтина, Михаил, Ведран и Теодор Зикови.
„Земјоделскиот инженер Стамен Гошев е иницијатор за формирање на Земјоделската задруга ‘Блажо Сандев’ во селото Радање. Економистот Штерјо Димов првите години работел во задругата, а потоа станува комерцијален директор на Комерцијална банка во Скопје; Драги Николов со децении го носи епитетот за најнароден полицаец во Штипската околија; Елица Бошкова како правник се вработува во Собранието на Подгорица, а подоцна станува и јавен обвинител; Анета Стојановска Стефановска е професор по политички науки; познатата глумица Елена Јованова Периќ, која има бројни филмски улоги и дури беше номинирана за Оскар; и Славко Неделков, кој со своите 107 години бил најстариот раданчанец“, пишува Тушев.
Од помладите генерации кои потекнуваат од селото Радање, авторот ги издвојува својата ќерка Маринела, поранешна пратеничка во два мандата; потоа Билјана Казанџиска, пратеничка со еден мандат; докторот по археолошки науки Мите Штерјов, кој неодамна во атарот на селото Радање пронајде значајни могили од 2. век; па новинарите Мишко Иванов и Столе Наумов, кој беше и член на Советот за радиодифузија на Македонија.
Од селото Радање, како што пишува авторот Мите Тушев, потекнуваат и светски познати спортски имиња. Во оваа група се каратистот Емил Павлов, двократен европски шампион и двапати прогласен за најдобар спортист на Македонија; потоа Дејан Богданов, еден од најдобрите македонски борачи, кој бил осми на Светско сениорско првенство; неговиот помлад колега Дејан Митров, кој освоил седмо место на Европско првенство; Мите и Таше Ташкови, меѓу најдобрите македонски боксери, освојувачи на први места на балкански првенства; Мери Гичева, која беше членка на историската ракометна генерација на „Кометал Ѓорче Петров“; фудбалерите Трајче Сенев и Александар Митрев, и повеќе други.
Т. ЈОВАНОВСКИ