Германскиот конзервативен лидер Фридрих Мерц неочекувано не го доби потребното мнозинство во парламентот за да стане канцелар. На Мерц му беа потребни 316 гласови во Бундестагот со 630 места, но обезбеди само 310, што претставува значаен удар за лидерот на демохристијаните, два и пол месеци по победата на сојузните избори во Германија.
Неговата коалиција со левиот центар има доволно места во парламентот, но не доби поддршка од уште 18 пратеници од кои тоа се очекуваше. Неуспехот на Мерц во првото гласање е досега невиден во модерната германска историја.
Бундестагот сега има уште 14 дена да го избере Мерц или друг кандидат за канцелар.
Според германскиот устав, не постои ограничување колку круга гласање можат да се одржат, но на крајот, ако не се постигне апсолутно мнозинство, тогаш кандидатот може да биде избран и со просто мнозинство. Ново гласање веројатно нема да има денеска.
Конзервативните пратеници рекоа дека повторно ќе го номинираат Мерц.
Поразот на Мерц се гледа од политичките коментатори како понижување, веројатно нанесено од членовите на Социјалдемократската партија (СПД), која во понеделникот потпиша коалициски договор со ЦДУ/ЦСУ, со што не биле среќни сите во редовите на СПД.
Откако Мерц не беше избран во првиот круг, крајнодесничарската Алтернатива за Германија повика да се распишат нови избори во Германија.