Грција е една од најпопуларните туристички дестинации во Европа, но ѝ недостигаат работници. Се проценува дека на неколку недели до почетокот на сезоната 80.000 работни места се непополнети во угостителскиот и хотелскиот сектор, кој е столб на индустријата, која придонесува со 25% во бруто домашниот производ на земјата.
Низ целата земја, хотелиерите се мачат да најдат рецепционери, чистачи, спасувачи, вратари, келнери и готвачи. Од популарни острови како Крит и Родос доаѓаат информации дека хотелиерите преземаат работници од конкурентите, привлекувајќи ги со подобри плати и работни услови.
„Тоа е делумно наследство на пандемијата на ковид-19, што го почувствува цела Европа, но во Грција, проблемот е особено изразен. Она што го гледаме е невиден недостаток на квалификувани и искусни работници, особено во хотелиерството и угостителството по егзодусот на работници за време на пандемијата. Многумина никогаш не се вратија. Како резултат на тоа, сега се празни околу 80.000 работни места“, вели Јоргос Хоцоглу, претседателот на Пангрчката федерација на работници во угостителството и туризмот.
Туризмот не е единствениот сектор погоден од недостигот на работна сила, туку и градежништвото и земјоделството. Во обид да се реши проблемот, владата го легализираше статусот на околу 30.000 нерегистрирани миграни и потпиша низа билатерални договори за мобилност на работната сила со земји како Египет, Виетнам, Бангладеш, Грузија, Индија и Молдавија. Баратели на азил, кои до неодамна беа затворени во бегалските капацитети, ќе се вработат во северна Грција кон крајот на овој месец, откако ќе бидат обучени од Грчката хотелска асоцијација.
Времето е од суштинско значење. Министерството за туризам предвидува дека до 2028 година, Атина ќе има 40 милиони посетители, а туристичката сезона ќе се продолжува бидејќи навиките за патување се менуваат со климатските промени. Грција почна активно да регрутира во странство, одржувајќи саеми за работа во Германија, Холандија и Велика Британија.