ВАСИЛ ЈОВАНОВ СО НАВЕДНАТА ГЛАВА ПРЕД СУДОТ ПРИЗНА ВИНА ШТО СМРТНО ЈА ПРЕГАЗИ МЛАДАТА ФРОСИНА КУЛАКОВА НА „ПАРТИЗАНСКА“

    ВАСИЛ ЈОВАНОВ СО НАВЕДНАТА ГЛАВА ПРЕД СУДОТ ПРИЗНА ВИНА ШТО СМРТНО ЈА ПРЕГАЗИ МЛАДАТА ФРОСИНА КУЛАКОВА НА „ПАРТИЗАНСКА“Обвинителот од ОЈО Скопје Александар Марковски, како и мајката и таткото на Фросина, побараа највисока затворска казна за делото кое според обвинението, Јованов го сторил со умисла. (Фото:К. Попов)

    21-годишниот возач Васил Јованов, кој на 29 јануари возејќи пијан и без возачка дозвола, на пешачки премин поминувајќи на црвено светло ја прегази младата Фросина Кулакова, денеска во Кривичниот суд призна вина.

    „Почитуван суде, сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејството и да им се извинам. Тоа што сум го сторил не сум можел да замислам дека ќе се случи“, кажа Јованов.

    Обвинителот од ОЈО Скопје Александар Марковски, како и мајката и таткото на Фросина, побараа највисока затворска казна за делото кое според обвинението, младиот Јованов го сторил со умисла. Јованов е обвинет за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, дело за кое е предвидена максимална казна од 20 години затвор.

    Обвинителот во воведниот збор рече дека ова не е само несреќа во која еден маж прегазил жена. Според него, сообраќајката е последица на низа сообраќајни пропусти и затоа возачот се гони за најтешката квалификација на кривичното дело.

    „За нецела минута пред критичниот настан, обвинетиот сторил и други пропусти од сообраќајна природа од типот на цик-цак возење, поминување на две полни ленти. Тоа се докази за умислата за кривичното дело за кое се товари“, рече обвинителот.

    Додаде дека Јованов е осудуван, иако не кажал дека бил осудуван кога ги давал своите генералии по апсењето.

    Неговиот адвокат Сашо Дуковски кажа дека клиентот не е наркоман како што неправедно бил опишуван во јавноста, туку спортист со освоени медали и признанија во боксот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира