НАД 60 ПАФТИ, КОЛАНИ И ДРУГ ПОЈАСЕН НАКИТ ОД 19. И 20. ВЕК ЌЕ СЕ ИЗЛОЖАТ ВО ШТИПСКИОТ МУЗЕЈ

    НАД 60 ПАФТИ, КОЛАНИ И ДРУГ ПОЈАСЕН НАКИТ ОД 19. И 20. ВЕК ЌЕ СЕ ИЗЛОЖАТ ВО ШТИПСКИОТ МУЗЕЈЕкспонатите потекнуваат од Овчеполскиот, Кочанскиот и Штипскиот Регион. (Фото: СДК.МК)

    Завод и Музеј Штип овој месец ќе отвори изложба со над 60 експонати на појасен накит главно од женската носија изработуван во 19. и 20. век. Изложбата е дел од годишната програма на Музејот.

    Музејскиот етнолог Бети Иванова, која работи на подготвувањето на изложбата, вели дека во нивните депоа грижливо се чува богатиот појасен накит кој потекнува од Овчеполскиот, но има предмети и од Штипскиот и Кочанскиот Регион и сосема мал дел од останатите места во Македонија.

    На изложбата ќе биде претставен појасниот накит, односно накитот наменет за половината. (Фото: СДК.МК)

    „Потребата за украсување на човекот се јавувала во сите култури од праисторијата до денес. Трговијата и развојот на занаетите меѓу нив и кујунџиството во 19. и првите децении од 20. век биле главните белези како во другите градови во Македонија така и во Штип. Значаен сегмент од етнолошкото наследство во Завод и Музеј Штип му припаѓа на народниот накит, како металниот така и монистрениот. На изложбата ќе биде претставен појасниот накит, односно накитот наменет за половината. Тој е составен дел на народната носија посебно на женската, но во помала мера бил застапен и кај машката носија“ вели Иванова.

    Според Иванова пафтите, за разлика од токите кои се единечни, се разликуваат по двата украсни предмети истоветни меѓу себе. И останатите појасни накити се дело на врвните тогашни кујунџии што ги имало во поголем број за разлика од денес, а украсните појаси се дело на врвните филигрански мајстори од тоа време.

    Значаен сегмент од етнолошкото наследство во Завод и Музеј Штип му припаѓа на народниот накит, како металниот така и монистрениот. (Фото: СДК.МК)

    „Пафтите се изработувани од метал и се со поголеми димензии, но како украсен појасен накит е и монистрениот колан на кој биле закачувани металните токи како интегрален дел главно на женската носија која се носела за време на прослави, свадби и слично. Пафтите доживеале многу промени во обликот, декорацијата и квалитетиот на изработката, биле изработувани од бакар па посребрувани, а сребрените биле со позлата или сават месинг. Техниката на изработка била со лиење на калапи и исчукување, гранулирање, плитко гравирање со најубавата филигранска техника. Во својата изработка на ваков појасен накит во Штип посебно се истакнувал кујунџијата Никола Настев“, вели Иванова и додава:

    „Орнаментиката на кујунџиите во регионот, најчесто била растително-вегетабилна или геометриска, а кај некои пафти се среќава и зооморфна ортаментика, најчесто рајски птици и пауни. Растителните мотиви главно биле насочени кон цветовите, а во геометриските најчесто се среќава кругот кој всушност го симболизира сонцето, кругот на животот и бесконечноста. Крстот кој е многу стар симбол на христјанството се јавува со заштитна функција од болести, несреќи и лоши очи“.

    (Фото: СДК.МК)

    Иванова кажа дека Музејот во Штип веќе ги има завршено речиси сите подготовки за отворање на изложбата во Уметничката галерија „Безистен“. Недостасува само каталогот за кој се чекаат одобрените средства за овој проект од Министерството за култура и се надеваат дека тоа ќе се случи во текот на месецов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира