РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ БАРААТ ДА ДОБИЈАТ СТАТУС НА РОДИТЕЛ-НЕГУВАТЕЛ КАКО И ЗГРИЖУВАЧИТЕ

    РОДИТЕЛИТЕ НА ДЕЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТИ БАРААТ ДА ДОБИЈАТ СТАТУС НА РОДИТЕЛ-НЕГУВАТЕЛ КАКО И ЗГРИЖУВАЧИТЕ„Секоја чест на згрижувачките семејства кои добиваат месечен надоместок за секое дете што ќе го згрижат. Нашето барање е да нѐ изедначат со згрижувачите“, вели Туфекчиева, мајка на Верче која е со Даунов синдром. (Фото: Приватна архива)

    Родителите на децата со попречености бараат да добијат статус на родител-негувател со законски измени идентично како и згрижувачите на лица со попречености. На иницијатива на Здружението на лицата со Даунов синдром „Вера“ од Струмица, тие покренаа онлјан петиција, а во наредниот период ќе разговарат и со пратениците за да се донесат законски измени, бидејќи како биолошки родители за да ги негуваат своите деца мора да се откажат од работа.

    „Во нашата земја мајката односно таткото на дете со попреченост не се признаени со закон, затоа ни треба закон за родител-негувател“, вели Анче Туфекчиева, претсдателка на „Вера“, додавајќи дека со овој проблем се соочуваат околу 200 илјади семејства во земјава.

    „Во семејствата каде што има лице со попреченост, еден родител мора да биде 24 часа со детето и да се грижи за него. Финансиската поддршка освен 7.800 денари кои се добиваат како посебен додаток, не е доволна ни за суплементи. Мораме да добиеме поддршка од државата во вид на месечен надоместок за родител на лице со попреченост. Секоја чест на згрижувачките семејства кои добиваат месечен надоместок за секое дете што ќе го згрижат. Нашето барање е да нѐ изедначат со згрижувачите“, вели Туфекчиева, мајка на ќерка со Даунов синдром.

    Таа и во подкастот „За секого по нешто“  на САКАМДАКАЖАМ.МК, рече дека се потребни системски решенија за оваа категорија на граѓани да добиваат одредена помош, бидејќи ем се грижат за своите деца, а од друга страна се борат и за егзистенција за своите семејства.

    „Денот не е ден кога постојано мислиш како ќе го поминеш без пари за основните работи, а од друга страна си спречен да одиш на работа. Не бараме ништо повеќе од тоа што го дава државата на згрижувачките семејства, едноставно го бараме тоа што во другите држави е нормално и го има“,  вели Туфекчиева.

    Онлајн петицијата веќе се потпишува и се споделуваат искуства на темата. Родители велат дека откако им се родило дете со попреченост, се откажале од своите професии за да се посветат при грижата на децата, бидејки во земјава нема доволно дневни центри каде овие лица ќе може да престојуваат.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира