Двајца државни службеници, вработени во кабинетот на државниот секретар на Министерството за внатрешни работи (МВР) Сашо Петрушевски, денеска на настан оддалечен околу еден километар од МВР, во Клубот на пратениците, дојдоа со службено возило и шофер. Тие одбија и пешки да поодат 20 метри од капијата на Клубот, па чекаа со далечинско да им ја отворат.
Кога се симнаа точно пред влезот, САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша од која институција се. Административците кои излегоа од службената бела „шкода“ одговорија дека се од МВР.
„Зошто не одите пешки, ене кај е МВР? Тоа е само километар одовде“, ги прашавме.
„Дојдовме со службено возило зашто нè повикаа на настанот“, беше единствениот одговор од службеничката.
Да не се работи за некои луѓе на витални работни места чија безбедност може да биде загрозена, прашавме кај организаторите на настанот. Ни рекоа дека се вработени од кабинетот на државниот секретар на МВР, кои дошле во замена на некои други од тој кабинет кои не можеле да дојдат.

Од Министерството за внатрешни работи до Клубот на пратеници се стигнува пешки за 15-тина минути. (Фото: СДК.МК)
Од МВР ни одговорија дека на двајцата им следувало службено возило за да не одат пешки.
„Денеска (13.05.2025) во Клуб на пратеници по повод потпишување на декларација за спречување на насилен екстремизам од страна на поглаварите на петте верски заедници на покана на директорката на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, присуствуваа претставници од МВР. Лицата кои го претставуваа МВР на настанот, согласно интерните акти на МВР, имаат право на употреба на службен превоз“, рекоа од Министерството.
Државниот секретар Петрушевски е претпоставениот на двајцата од неговиот кабинет, кои денеска не сакаа да поодат пешки 15-тина минути. Петрушевски на оваа позиција во МВР дојде на 28 јуни 2024, од ЈП „Куманово-Паркинг“ Куманово, без работно искуство во полицијата.
С. К. ДЕЛЕВСКА