Основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје дискриминирало, односно не презело ништо за заштита на ученик со попреченост од шесто одделение, кој бил жртва на булинг, малтретиран и тепан секој ден од соученик префрлен од друго одделение. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила индиректна дискриминација од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ кон ова дете, врз основа на попреченост во областа на образованието.
Училиштето е пријавено и во Државниот просветен инспекторат и кај Народниот правобранител.
Во јануари, мајката на жртвата преку адвокат поднело претставка за сторена дискриминација, во која наведува дека детето има специфични потешкотии во учењето, но дека досега немал проблеми и си напредувал во училиште. Но од 10 декември лани, кога ученик дошол од друго одделение, детето е под постојано вербално, психичко и физичко насилство од префрлениот ученик.
Насилството го вршел со секојдневни навреди: „глупав“, „ретардиран“,со буткање во соблекувалната по физичко, ставање сопки, шутирање на ранецот, префрлувања и провокации. Од доаѓањето на новиот ученик, оштетениот соученик е под постојан стрес и анксиозност, што ги забележале и специјалниот едукатор и психологот.
Насилството родителите го пријавиле и кај директорот, но во претставката се тврди дека место да ги испита наводите и случајот, тој во целост ги негирал. Никој од училиштето не се потрудил да го препознае насилството согласно законските обврски и да работи со учениците за да се запре. Бидејќи директорот, класната, училиштето не презеле ништо, состојбата се влошила.
На 22 јануари, во моментот кога завршил часот по математика, префрлениот ученик му удрил шамар на соученикот со попреченост. По ова се степале. Ни тогаш не било преземено нешто, макар од класната. Мајката на тепаното дете дошла самоиницијативно во училиштето, но не го нашла директорот.
Комисијата се обратила до ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ и оттаму на 7 февруари стигнал детален одговор, кој почнал со тоа дека префрлувањето било зашто ученикот бил жртва на насилство. Носело и апаратче за слух. Наведено е и дека немало поплаки од детето со попреченост, освен за инцидентот во соблекувалната, кој брзо бил решен.
Но, и дека токму тоа го гризнало префрлениот ученик, за што подносителката на пријавата подоцна навела дека нејзиниот немоќен син тоа го направил поради прелевање на чашата од секојдневно навредување, малтретирање, буткање, шутирање на нејзиното дете.
Во одговорот училиштето навело и дека постариот брат на детето со попреченост доаѓал во училиштето и му се заканувал на пријавениот да не го закача брат му. Директорот свикал состанок, но мајката на малтретираното дете заминала, па не слушнала дека усна опомена ќе добијат и двете деца.
Училиштето наведува десетина мерки кои ги утврдило да се спроведат за спречување на врсничкото насилство.
Но, мајката ја гледа дискриминацијата од училиштето во немањето чувство и предвид за посебните образовни потреби на нејзиното дете, непостапувањето кон него како со дете со атипичен развој (кое не може да се изрази за случувањата како другите деца) и тоа што не го земале предвид психичкото малтретирање на детето. И дека на тој состанок, директорот ѝ рекол оти нејзиното дете со попреченост мора да се научи на предизвици во животот, а не само да плаче.
Комисијата за дискриминација утврдила дека ова училиште требало да го препознае врсничкото насилство врз детето со попреченост и веднаш да реагира и да го заштити, што не го сторило. Постои закон и упатство за ова и директорот и училиштето биле должни да ги спроведат. Донела препорака и директорот и вработените да промовираат еднаквост и правичност во училиштето, како и да се едуцираат и доквалификуваат на обуки за работа со деца со попреченост.
С. К. ДЕЛЕВСКА