СОС ДЕТСКО СЕЛО ВО СКОПСКА ГАЗИ БАБА ОТВОРИ ДВА ЦЕНТРА ЗА ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА И ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКА НА ДЕЦА СО ТРАУМИ

    СОС ДЕТСКО СЕЛО ВО СКОПСКА ГАЗИ БАБА ОТВОРИ ДВА ЦЕНТРА ЗА ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА И ПСИХОЛОШКА ПОДДРШКА НА ДЕЦА СО ТРАУМИЈулијана Гапо и Александар Трајковски (двајцата во средина) на денешната промоција на новите простории во склоп на СОС Детско село. (Фото: Фејсбук)

    Во советувалиштето на СОС Детско село во скопската Општина Гази Баба денес беа отворени новиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства, како и специјализирано Одделение за психолошко советување и рехабилитација на деца со комплексни трауми.

    Новите простории се дел од регионалниот проект „Надминување на системски празнини – Поддршка на реформите во системот за заштита на децата“, финансиран од Германското министерство за економска соработка и развој, во партнерство со организацијата ХГФД – Германија.

    „Веќе 24 години сме посветени на поддршка на најранливите – децата без родителска грижа, и веруваме дека згрижувањето е одговорност на целото општество. Денешното присуство на институции, партнери и граѓани е јасна порака дека само заедно можеме да создадеме силен, достапен и ефикасен систем на поддршка. Нашето присуство во општините Аеродром, Бутел, Арачиново, Чучер Сандево, Илинден, Петровец и Гази Баба, како и подготвеноста на многу градоначалници за соработка, ни даваат надеж дека нашите услуги ќе стигнат до секое дете и секое семејство што има потреба“ изјави Александар Трајковски, претседател на Управниот дбор на СОС Детско село.

    Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо, рече дека секое дете носи своја приказна, а некои од тие приказни се обележани со загуба, траума или несигурност.

    „Затоа, наша обврска е да создадеме околина која не само што обезбедува безбедност, туку и разбирање, прифаќање и исцелување. Овој нов почеток е резултат на визија, но и на соработка со институциите, со здруженијата, со поддржувачите, и пред сè со Вас, згрижувачите. Нека денешниот ден биде потсетник дека заедно можеме да направиме вистинска промена – не само на политиките, туку и во животите на децата“, кажа Гапо.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира