Главниот осомничен во случајот на исчезнувањето на четиригодишното британско девојче Медлин Мекен излезе од затвор во Германија денеска, каде што служеше казна за друг прекршок. Кристијан Брикнер излезе од затворот близу Хановер во автомобилот на неговиот адвокат, потврди полицијата.
Тој беше осуден за силување на постара жена во одморалиштето Праја да Луз во Португалија во 2005 и ќе продолжи да носи електронски уред на глуждот. Четириесет и осумгодишниот германски државјанин не беше обвинет за ниедно кривично дело во врска со Мекен и негираше дека е вмешан во нејзиното исчезнување.
Медлин исчезна во Праја да Луз на 3 мај 2007. Таа и нејзиниот брат спиеле во својата соба додека нивните родители биле во ресторан. Исчезнувањето на Медлин стана еден од најпознатите нерешени случаи во светот.
Германските обвинители велат дека има докази дека Брикнер можеби бил во таа област во тој период и постојано нагласуваа дека мислат дека тој е одговорен за исчезнувањето на Медлин. Сепак, досега не пронашле цврсти докази против него за да покренат обвиненија.
Брикнер, кој поминал многу години во Алгарве, бил скитник и ситен криминалец и има неколку претходни пресуди, вклучително и за сексуална злоупотреба на деца во 1994 и 2016.